ВО РАНГИРАЊЕ НА АКТУЕЛНИТЕ ИГРАЧИ ВО ИТАЛИЈА

Само осум играчи во цела Серија А имаат дадено повеќе голови од Пандев

Погодокот на дуелот против Верона, беше јубилеен 80 за популарниот Гоче во најсилната италијанска лига

објавено: 24 април 2018 - 11:00

Горан Пандев уште еднаш ја покажа својата класа во италијанската Серија А. Капитенот на македонската репрезентација, повеќе од 15 години трае во италијанското првенство, а на синоќешниот дуел меѓу Џенова и Верона, постигна уште еден гол за паметење. 

Пандев одигра само 10 минути, но и тоа му беше доволно за да постигне еврогол. Претрча 20-тина метри со топката, а потоа со лоб удар ја затресе мрежата на Верона, потврдувајќи ја победата од 3:1.

За популарниот Гоче ова беше јубилеен 80 погодок во Серија А. Носејќи ги дресовите на Анкона, Лацио, Интер, Наполи и Џенова, Пандев вкупно 80 пати ја тресел мрежата на противниците во најсилното италијанско првенство. 

Дека Пандев е вистинска легенда во Серија А, покажува и фактот дека од актуелните играчи кои сезонава се дел од шампионатот, само осум играчи може да се пофалат дека постигнале повеќе голови од капитенот на македонската репрезентација. 

Од актуелните играчи, најдобар стрелец во Серија А е Фабио Кваљарела од Сампдорија со 125 погодоци, пред Гонзало Игуаин со 109 голови и Серџо Пелисие од Киево кој има 108 погодоци. Тоа се тројцата од актуелните играчи кои се во Клубот 100. Пред Пандев се само уште Мауро Икарди (99), Марек Хамшик (98), Марко Бориело (96), Алесандро Матри (90) и Чиро Имобиле (85). 

 

 

Најново во Фудбал