ВО ИЗЈАВА ЗА ЛЕТОНСКИТЕ МЕДИУМИ

Седлоски: Си заминав од Вардар, откако управата донесе играчи кои не ми требаа

„Нашата цел ќе биде да ја освоиме титулата во првенството“, рече македонскиот стратег кој пред неколку дена беше промовиран во тренер на тимот на Рига

објавено: 29 јануари 2018 - 15:50

Најдобриот тренер во Македонија за 2017 година, Гоце Седлоски, од пред неколку дена е нов тренер на тимот на Рига. Седлоски викендов го следеше пријателскиот меч на Рига против Атлантас и најави дека неговата главна цел ќе биде да го одведе клубот до титула во првенството. 

„Рига е еден од најдобрите клубови во земјата и нормално е нашата цел да биде освојување на титулата, но и на трофејот во Купот. Ќе одиме чекор по чекор. Следев еден пријателски меч, на кој недостасуваа четири-пет повредени играчи. Се надевам дека челниците на клубот ќе ни дозволат да донесеме неколку добри играчи, за да создадеме уште посилен тим“, рече Седлоски за летонскиот медиум „Sportacentrs“. 

Седлоски во Рига ќе работи заедно со Александар Влахо, кој му беше помошник и во Вардар. Некогашниот капитен на македонската фудбалска репрезентација ја откри и причината зошто морал да си замине од Вардар, иако во трите сезони го предводеше клубот до шампионскиот пехар.

„Си заминавме од клубот поради несогласување со менаџментот. Тие донесоа некои играчи кои не ни беа потребни. Затоа решивме да го раскинеме договорот“, објасни Седлоски, кој донесе многу радости за навивачите на најтрофејниот македонски тим, додека беше на чело на Вардар. 

 

Најново во Фудбал