ЗА ПРВ ПАТ ИМАВМЕ ТИМ ВО ГРУПНА ФАЗА, АМА НЕМАШЕ ПУБЛИКА

Сите го сакаат Вардар кога е шампион, ама во историската сезона во Лигата на Европа на три меча го гледаа едвај 38.000 гледачи

Ниту Зенит, ниту Реал Сосиедад, а најмалку па Розенборг беа магнет за да се бодри македонскиот првак на стадион

објавено: 8 декември 2017 - 19:15

Ракометниот тим на Вардар летово стана европски првак и тоа беше како аларм, да излезе „цело Скопје“ за да ги поздрави „црвено-црните“ шампиони. Илјадници луѓе се радуваа на успехот на ракометарите на Вардар, кои покажаа дека се најдобри во Европа. Тогаш, сите беа навивачи на Вардар. 

Само неколку месеци по тој ракометен успех на вардарци, следуваше уште еден историски блесок, но овојпат на фудбалски план. Во двомечот против Фенербахче, Вардар победи со 4:1 и беше изборен пласман во групната фаза од Лигата на Европа. Никогаш претходно ниту еден фудбалски тим немал ваков успех. 

Вардар се најде во група со Зенит, Реал Сосиедад и Розенборг. Сите три екипи кои биле дел и од Лигата на шампионите во минатото. Иако атрактивни противници, иако се работи за прв историски пласман во групна фаза на наш тим, стадионот во Скопје, ниту еднаш не беше полн. 

Челниците на Вардар решија да пуштат во продажба блок билени за сите три меча, но и тоа не беше атрактивно за навивачите. На првата средба на Вардар во групата фаза, против Зенит, на стадионот имаше нешто повеќе од 11.000 гледачи, што е една третина од капацитетот на стадионот.

Најмногу интерес предизвика гостувањето на Сосиедад, па на стадион се најдоа 20.000 гледачи. И против Зенит и против Сосиедад, Вардар беше инфериорен на теренот. Првиот меч го загуби со 0:5, а на вториот беше поразен со 0:6. 

Синоќа, Вардар го одигра третиот меч на свој терен и последен во групната фаза. Противник беше Розенборг, а на ладното време немаше ни 7.000 гледачи. Вардар конечно даде гол пред своите навивачи и стигна до историскиот прв бод во групната фаза од ЛЕ. Тука и заврши настапот на Вардар во европските купови за оваа сезона.

Вкупно 38.000 гледачи имаше на стадионот, на трите меча на Вардар како домаќин во Лигата на Европа. Колку за споредба, на 400 километри северно, Црвена Звезда може да се пофали дека е клубот кој имаше најголема поддршка од сите екипи во ЛЕ. Некогашниот европски првак, исто како и Вардар, продаваше блок билети за трите меча, а некогашната „Маракана“ беше полна во трите меча. На стадионот „Рајко Митиќ“ на трите меча имаше 144.000 гледачи, односно по 48.000 гледачи во просек. Колку за споредба, Вардар на сите три меча имаше вкупно 38.000 гледачи.

Најново во Фудбал