МАКЕДОНСКИОТ РЕПРЕЗЕНТАТИВЕЦ ВО ОДЛИЧНА ФОРМА

Спировски погоди во ремито на Ференцварош

Играчот од средниот ред во 61 минтуа ја затресе мрежата на Макаби од Тел Авив

објавено: 12 јули 2018 - 20:51

Стефан Спировски со погодок ја започна сезоната во европските купови, откако погоди во дресот на Ференцварош во дуелот против Макаби од Тел Авив, во првото коло од квалификациите за Лигата на Европа. Спировски беше стартер, а во 61 минута успеа да ја затресе мрежата на гостите од Тел Авив, за водство од 1:0 на унгарскиот тим. За жал на Унгарците, Ференцварош прими гол во 91 минута и дуелот заврши 1:1.

Освен Спировски, денеска во Лигата на Европа играа и играат уште неколку македонски интернационалци. Мегјит Незири го одигра целиот меч за Вентспилс во убедливата победа од 5:0 против Луфтетари од Албанија.  

Јасир Асани и Егзон Белица беа стартери, а Бесарт Абдурахими влезе во 74 минута за тимот на Партизани. Албанскиот претставник на свој терен загуби од Марибор со 1:0. Голманот Дамјан Шишковски го бранеше голот на Лахни, но финскиот клуб на свој терен беше немоќен и загуби со 3:0 од Хафнарфјордур.

Виктор Ангелов остана на клупата за резерви во тимот на Ујпешт, кој загуби со 2:1 на гости кај Нефчи Баку. Хусмани и Ибраими се стартери за Домжале, кој на полувреме води со 2:0 против Широки Бријег на гости. 

Најново во Фудбал