„ЦРВЕНО-ЦРНИТЕ“ ЗАВРШИЈА СО ЕВРО НАСТАПИТЕ БЕЗ ДА ДАДАТ ГОЛ

СРАМОТА: Вардар и во Скопје поразен од Пјуник

Пјуник се радуваше на триумф од 2:0 на „Филип Втори Арената“ и со вкупно 3:0 оди во следната фаза од квалификациите за Лигата на Европа

објавено: 19 јули 2018 - 20:55

Најтрофејниот македонски клуб Вардар се посрамоти на европска сцена и заслужено е елиминиран уште во првото коло од Лигата на Европа. „Црвено-црните“ вечерва, на свој терен беа поразени со 2:0 во дуелот против Пјуник, резултат кој значеше крај на македонскиот тим во евро настапите. 

По првиот меч одигран во Ерменија, Пјуник имаше предност од 1:0, резултат кој изгледаше достижен во реваншот за Вардар. Сепак, наместо да се анулира негативата, Пјуник само ја доврши работата започната пред една недела. 

Вардар напаѓаше, но сето тоа делуваше многу јалово и безидејно, па затоа и голот на гостите беше речиси сигурен во текот на целиот меч. Во последните 10 минути, гостите од Ерменија решија да му покажат на Вардар како се дава голови.

По две полуконтри, дефанзивецот Бакар Балде постигна два погодоци. Најпрво во 82 минута со прецизен удар од работ на шеснаесетникот погоди за 1:0, а во претпоследната минута од дуелот, само го потврди триумфот на гостите. 

За три часа поминати на теренот, играчите на Вардар не успеаа да му дадат ниту еден гол на противникот кој беше аутсајдер пред ждрепката на УЕФА. Вардар се посрамоти, а и ги разочара оние 4.000 навивачи кои беа на стадионот, надевајќи се дека ќе се израдуваат барем на еден погодок. 

 

Најново во Фудбал