ПОЧНА ТРКАТА ЗА ФОТЕЉАТА

СТИГНА ПРВАТА КАНДИДАТУРА ВО ФФМ: Сашо Тасев оди по престолот

ОФС Кавадарци достави кандидатура до „куќата на фудбалот". Директорот на Aкадемијата на ФФМ го напаѓа тронот. Вујадин Станојковиќ, Харалампие Хаџи Ристески, Мирсад Јонуз и Илија Стоилов чекаат за напад.

објавено: 10 август 2018 - 14:22

Утре истекува рокот за доставување на кандидатури за претседател на ФФМ за Собранието на „куќата на фудбалот" кое е закажано за 1 септември. Официјално стигна и првата кандидатура.

Попладнево во архивата на ФФМ стигна допис од ОФС Кавадарци кое го предлата Сашко Тасев за кандидат за претсетател на престојното Собрание.

Поранешниот фудбалер на Тиквеш и прв човек на ОФС Кавадарци сега е и на функцијата директор на фудбалската академија. Тој ќе се обиде да ја добие довербата на делегатите, а неговата кандидатура во моментов не е спорна затоа што тој е активен делегат на Собранито.

Според статутот на ФФМ право на кандидатура имаат сите оние кои се валидни делегати на Собранието на ФФМ кое брои 96 членови.

Овој член од статутот им создава главоболки на Харалампие Хаџи Ристески и Вујадин Станојковиќ. Двајцата веќе со месеци се во офанзива но имаат сопки кои мора да ги прескокнат и да чекаат дали органите и телата на ФФМ ќе им ги прифатат нивните мандати. Хаџи Ристески е номиниран од ОФС Неготино додека завчера ОФС Куманово му даде поддршка на Вујадин Станојковиќ.

Официјално! Само Сашко Тасев има поднесено кандидатура. Од сенка во текот на денов или утре се очекува да нападне и докторот Илија Стоилов од ОФС Струмица. Сеуште не е јасно по кој пат ќе оди Влатко Костов кој за разлика од сите споменати јавно најави дека има интерес да ја добие довербата за функцијата прв човек на федерацијата.

ФФМ остана без претседател откако Илчо Ѓоргиоски поднесе оставка на 19 јули. Утре се очекуваат нови турбуленции и нови кандидатури а архивата на ФФМ ќе работи до 16 часот.

Во понеделник ќе заседава комисијата за статут и избори при ФФМ која ќе констатира чија кандидатура е валидна и кој има право да оди на гласање на Собранието на кое има само една точка од дневниот ред - Избор на нов претседател на ФФМ!

Најново во Фудбал