ФУДБАЛСКА ТРЕСКА, ЦЕЛ ГРАД Е НА НОЗЕ

Струмица чека историски прв финалист во Купот

Академија Пандев на свој терен ќе брка негатива од 1:2 во дуелот против Пелистер. Во второто полуфинале Ренова игра против Шкендија (1:1 по првиот меч)

објавено: 11 април 2018 - 12:50

Струмица, градот домаќин на минатогодишното финале на фудбалскиот Куп на Македонија денеска чека да биде испишана историја. Академија Пандев е во обид да биде првиот тим од овој град што ќе успее да се пласира во финалето на најмасовното фудбалско натпреварување кај нас. 

Со почеток од 16 часот, Академија Пандев го пречекува Пелистер, кој е актуелен бранител на тронот. Првиот меч во Битола заврши со победа на домаќините од 2:1, што значи дека Академија Пандев мора да брка победа. Доволно им е и минимален триумф од 1:0 за струмичани да бидат во финалето. 

Моменталната форма на академција на Пандев не влева многу оптимизам, бидејќи тимот нема триумф во 2018 година. Последен пат победија против Тетекс во Купот на 29 ноември 2017. Сепак тие веруваат дека денеска е денот кога треба да се стави крај на лошата серија, а воедно и да се испише историја и градот да го добие првиот финалист. 

„Се подготвуваме нормално, како и за секој натпревар иако ова е полуфинале и има посебна тежина. Имаме мали проблеми со составот бидејќи нема да играат Сашко Пандев, Варелоски и Ганчев поради повреди, а неизвесен е Стоилов кој има настинка. Знаеме дека не очекува тежок натпревар со тим кој исклучително добро игра во дефанзива. Пелистер има поискусен состав од нашиот, а нема проблеми како нашиот во однос на повредени или болни фудбалери. И покрај се, 11 април очекувам да биде празник за фудбалот во Струмица, ден за вистински предизвик и мислам дека конечно ќе одиграме доволно добро и на резултат и ќе се пласираме во финалето што за нашиот млад тим би бил огромен успех", изјави за клупскиот сајт, тренерот на Академија Пандев, Југослав Тренчовски.

Натпреварот се игра на стадионот Кукуш во Турново.

Во второто полуфинале, Ренова на свој терен игра против фаворизираната Шкендија. „Гипсарите“ успеаа на првиот меч да направат изненадување и одиграа нерешено 1:1, но мора да одиграат уште еден одличен меч, ако сакаат да бидат дел од финалето. 

Најново во Фудбал