ЗА ДЕНЕСКА Е ЗАКАЖАНА СЕДНИЦА НА РАКОВОДСТВОТО НА ФФМ

УО на ФФМ: На маса измените во статутот и термин за Собрание

Помина повеќе од еден месец откако беше откажано вонредното изборното Собрание и беше одлучено да се направат дополнувања на „фудбалскиот устав" за да им се овозможи на сите кандидати регуларно да се вклучат во трката за испразнетата претседателска фотелја.

објавено: 4 октомври 2018 - 10:00

Раководството на Фудбалската федерација на Македонија за денеска има закажано седница на која ќе ги разгледува предложените измени во Статутот околу изборната постапка за претседател и ќе закаже седница на највисокиот раковoден орган Собранието на која ќе треба да ги верификува истите.

ЕДЕН МЕСЕЦ СЕ ПРАВЕА ДОПОЛНУВАЊАТА ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛСКАТА КАНДИДАТУРА

ФФМ нема прв човек од 19 јули по оставката на Илчо Ѓорѓиоски. Помина повеќе од еден месец откако единствениот кадидат за наследник на Ѓорѓиоски, кој го призна Комисијата за избор и верификација со легална процедура Сашко Тасев од Кавадарци, се откажа од барањето да ја добие доверба од делегатите за да ја пополни испразнетата фотелја. Неговите тројца противкандидати Харалампи Хаџиристески, Влатко Костов и Вујадин Станојковиќ не добија дозвола да го трчаат престседателскиот круг од истата Комисија и пред второстепената за Жалби, поради незапазени правни постапки. Закажаното вонредно изборно Собрание за 1 септември беше одложено на неодредено време.

Овој период администрацијата на ФФМ и надворешните експерти за правни работи требаше да ги испеглаат членовите 53 и 45 од „фудбалскиот устав" за сите заинтересирани ОФС да можат без заобиколување на правилата да номинираат ако имаат претседателски кандидати. Тоа е сработено и треба да помине најпрво пред УО, а потоа и на Собрание пред делеагтите, а потоа да се закаже вонредно изборно Собрание на кое сите кандидати за претседател ќе можат да се пријават по новите правила за игра.

АКО НЕМА ОДЛАГАЊА ИЗБОРОТ ЌЕ ЗАВРШИ ВО ЈАНУАРИ 2019 ГОДИНА

Отпочнатата постапка, ако нема нови одлагања во меѓувреме се најавува дека ќе биде завршена најдоцна до крајот на јануари 2019 година. Покрај номинираните кандидати кои не го минаа првниот филтер Хаџиристески, Станојковиќ и Костов, во меѓувреме се огласи и најдобриот македонски репрезентативен стрелец Горан Пандев дека сака да ја заврши кариерата и да се вклучи во претседателската трка.
Пандев побара од ФФМ да го пролонгира за неколку месеци изборот за претседател.

Најново во Фудбал