АНАЛИЗА на милорад стојмановски

Утките што гугаат за ФФМ не црцорат за фудбалските утки

Непријатели се сите што „шират негативности", сметаат во ФФМ. Во интерес на фудбалот работат само оние што им ракоплескаат ним. Од медиумите до навивачите. Но, сѐ потешко се контролираат и конците на „марионетите", почна да пука и внатре, во Федерацијата. Иако од нивните мегафони одекнува „работат сѐ во интерес на фудбалот", последицата од празната демагогија е - сѐ помалку интерес за фудбалот

објавено: 11 април 2016 - 12:43

Кампањата за спас на раководната гарнитура на Фудбалската федерација на Македонија во веќе познат манир прави делби од типот „патриоти и предавници“. Во своето поимање на нештата за тоа што е интерес на фудбалот, на ФФМ ѝ се добри тие што ја фалат Федерацијата, ѝ се воодушевуваат, ја поддржуваат, а оцрнуваат сѐ што е сторено во минатото, ја сатанизираат опозицијата, дури и легендите во неа. Дрвените адвокати се (пот)платени со парите од казни за клубовите, со продадените ТВ-права на сенародната репрезентација, со кратењето од таму каде што не треба. 

Сепак, дали поголема корист има фудбалот од сите што укажуваат на неправилностите во фудбалското менаџирање на оваа власт или од самозалажувањето за совршеност? Ако толку тече мед и млеко во македонскиот фудбал, тогаш зошто се празни трибините, и на прволигашките натпревари, и на настапите на фудбалските репрезентации? Бојкотот на македонскиот фудбал е ставот на вистинските љубители на таа магична игра кон начинот на кој се работи во ФФМ.

Проблемот на раководството од блескавите простории кај Ново Лисиче и на лидерот Илчо Ѓорѓиоски е што сѐ повеќе расте бројот на незадоволници. И тоа не само во „одредени медиуми“ и „на трибините“, туку и во самата фудбалска организација.

(П)одредени медиуми

„Неуморно работите на приближување на репрезентацијата до навивачите, преку учество во хуманитарни акции до директна комуникација преку социјалните мрежи. Каде ја гледате разликата помеѓу љубовта која и репрезентативците и вие лично ја добивате кога директно комуницирате со луѓето во однос на негативностите кои од трибините и низ одредени медиуми се шират, а директно се насочени кон А селекцијата?“ Вака гласи прашањето на непознатиот автор во интервјуто на фудбалскиот селектор Игор Ангеловски за веб-страницата на ФФМ (затемнувањето на дел од прашањето е мое). Значи „на трибините“ и низ „одредени медиуми“ нема љубов кон селекторот и репрезентативците, туку само „негативности“ кои не се во интерес на фудбалот.

Кога во ФФМ ќе сфатат дека медиумите треба да се коректор на секоја (фудбалска) власт, тогаш нема да има формулации за „негативности од одредени медиуми“. Точно е, медиумите треба да се одредени, наспроти бројните подредени, за да ја вршат својата вистинска функција, да се непоткупливи, самосвесни. За разлика од оние, подредените, што божем се борат за подобар фудбал, ама според нив за лошиот квалитет е виновна публиката што не доаѓа на трибините. Или се бараат подобри терени и стадиони, но виновни се општините што не инвестираат (а не прашуваат како се трошат парите во ФФМ). Сме немале подобри резултати на репрезентацијата поради слабите селектори, а не поради тој што ги избира и што назначи четворица за неполни четири години. Никако да се каже едноставната вистина – рибата секогаш смрди од главата!

До 2012 година поинаку се бореа за интересот на фудбалот

Денешните фудбалски „неимари“ од ФФМ вака не размислуваа пред четири и повеќе години. До јули 2012 година, кога Ѓорѓиоски и неговата клика сѐ уште беа опозиција, имаше многу повеќе медиуми што беа критички настроени кон претходното раководство на ФФМ. Тогашните опозиционери им се јавуваа на новинарите што не се помируваа со 100-то место на А-тимот, им се нудеа за соработка, ги поддржуваа... Но, откако оваа водечка гарнитура седна во фотелјите, заборави што зборуваше пред да дојде на чело на ФФМ. Се претопи во општата клима на контрола на медиумите. Оние кои се константни во своите истражувања на фудбалските злоупотреби, без оглед кој раководи со ФФМ, преку ноќ им станаа непријатели.

Паметам дека во оваа гарнитура на власт имаше многумина што, според сегашниот нивен речник, „не се бореа за интересот на фудбалот“ кога на чело на ФФМ беше Харалампие Хаџиристески. Плукаа, го обвинуваа фудбалскиот лидер за криминал, го напаѓаа селекторот, тогашните резултати на репрезентатициите им беа катастрофални (а бевме меѓу првите 100, наспроти сегашните 50-тина места подолу)... И Хаџиристески користеше методи на притисок, со помош на УЕФА и ФИФА, чиј делегат Тери Фавре, на самопрогласениот лидер на ФФМ во 2007 година, Емил Божиновски, му се закануваше со доживотна суспензија. Дали тогаш Божиновски се бореше за доброто на фудбалот? Дали сега Стефче Шулески, кој се срами да биде дел од оваа судиската организација во која судиите местат натпревари по налог, се бори за доброто на фудбалот? Судиската комисија ја предводи гореспоменатиот Божиновски.

Иако првиот преврат во ФФМ на Собранието во 2007 година не успеа, во 2012 година се случија промените, кога на сцената „од никаде“ за нов челник на ФФМ политички беше истуркан Ѓорѓиоски. Предуслов за ваквата режија беше доброволното повлекување на тогашниот „мотор на промените“ Масар Омерагиќ.

Оттогаш се промени начинот на размислиување кај истите луѓе. Од денешна перспектива, на актуелното фудбалско раководство не му пречат само медиуми и „лошата публика", туку и сите слободоумни фудбалски вљубеници, кои не се помируваат со сегашнава катастрофа на инфраструктурен, организациски, натпреварувачки, кадровски, резултатски, клупски план. Без разлика дали станува збор за опозицијата здружена во „Обединетите за фудбалот“, за суспендиран делегат од Собранието, за судија што се откажува од судењето, за клубови што не се помируваат со нерегуларните првенства...

Бојкотот како став на публиката

Негативностите доаѓале и од трибините, констатира неидентификуваниот собеседник во интервјуто со селекторот Ангеловски. Значи, и публиката што негодува на стадионите „не работи во интерес на фудбалот.“

Кој работи во интерес на фудбалот, најдобро знаат фудбалските навивачи. Тие што со бојкотот на репрезентацијата, па и на прволигашките натпревари, го покажуваат својот однос кон актуелното раководство на ФФМ. Најтврдокорните што доаѓаат на трибините, пак, некогаш не пропуштаат и лично да го навредуваат претседателот Ѓорѓиоски што, во секој случај, не може да се оправда, но и таа порака е изразување став на непокороност, по чинот на враќање на вербалниот деликт во македонското фудбалско милје заради заштита на „ликот и делото“, пред сѐ, на претседателот, а потоа и на Федерацијата.

Трибините се совршен мизансцен за развивање на човековиот дух. По дифолт на натпревар се одеше за катарзични празнења, за плукање семки, но и играчи, тренери, судии... Составен дел од македонскиот фолклор биле досетките и дофрлањата од трибините. Дури и на најголемиот спортски објект во земјава, арената „Филип Втори“, поради речиси празното гледалиште може да се слушне и разбере секој сочен пцост од „заскитаните“ покрај теренот.

За жал, и тој „дух“ како да се губи. Како последица на општата ситуација во земјава, но и на состојбите во фудбалот. Зашто, не им е до шега на гледачите кога судијата свири пенал за да го „погоди резултатот“ на кој се обложил.

Тешко се контролираат конците на марионетите

Старото правило дека не можат вечно да се држат сите конци на бројните марионети околу себе се потврдува со оставката на членот на Управниот одбор на ФФМ, Серафим Димовски. Поранешниот челник на клубот од Ѓорче Петров (каква коинциденција?!) е еден од оние со најголемо фудбалско педигре во Управниот одбор на ФФМ (а ги нема многу такви, ако не се смета „вечниот“ член на управните одбори Добре Иванов и екс-играчите Марјан Стојкоски и Свето Станковски). Димовски во својата изјава по повод заминувањето од ФФМ и самиот го употреби зборот „марионета" за кревачите на два прста, како потврда на сѐ што пишувавме претходно, односно за начинот на одлучување во врвот на ФФМ со аминување на одлуките на Комисијата за итност, составена од Ѓорѓиоски, Муамед Сејдини и Дејан Димовски.

Најнова панична реакција поради стравот од сопствената сенка е нехуманото бркање од работа на искусни административци во ФФМ. „Обединети за фудбалот“ обвинија дека се брка квалитетен кадар кој го разбира фудбалот, а на нивно место се вработуваат „милиционери, психолози и продавачи", на што ФФМ немаше одговор. Како и на многу други сериозни обвинувања, поставени од опозицијата.

Смее ли некој да каже каде е дното?!

Во оваа земја е храбро која и да е состојба да се нарече дно, затоа што стварноста нѐ демантира со некоја нова катастрофа веќе наредниот ден. Во „бесконечното" пропаѓање, Македонија стаса до 141. место на ФИФА-рангирањето, само шест скалила погоре од почетната позиција во јуни 1994, кога „црвено-жолтите“ го заодеа својот пат во светскиот фудбал како нововлезени на листата. Иако просечниот пласман за овие 22 години е 83. место, сегашниот ренкинг е многу послаб и од просекот. Велат дека ФИФА-пласманот не е реален одраз на квалитетот, и тоа е делумно точно, но дали двете последни места на табелите во квалификаците за СП 2014 и ЕП 2016 се реален одраз? Дали падот на ефикасноста од просечно еден гол до речиси половина по натпревар не е аргумент? Бидете искрени и признајте: кога сме се плашеле од гостувањето на некојси Луксембург во Македонија, да да ни виси победата до 93. минута, единствената во квалификациите?  

Со големи надежи, амбиции и радост го дочекавме назначувањето на Чедомир Јаневски, верувајќи во подобро утре што ги донесоа „јавачите на промени“. Имаше атмосфера на трибините, беа речиси исполнети кога гостуваа Хрватска и Србија, забележавме победа против северниот сосед, прва во историјата на меѓусебните дуели. Но, по првите неуспеси во серија, Јаневски, неочекувано, самиот замина, а јавноста не го доби вистинското објаснување за разделбата. За разлика од него, Бошко Ѓуровски беше погласен во своите критики кон ФФМ по добиениот отказ, како и екс-менаџерот на репрезентацијата, Илија Најдоски, кој при поднесувањето оставка побара „секој да си ја понесе својата одговорност“. Што не наиде на одзив, се разбира.

Работата и резултатите на А-тимот е врвот на пирамидата од начинот како се раководи македонскиот фудбал. Затоа се и најчесто опсервирани. Сакале да признаат или не, не се проблем само поразите на најдобрата селекција. Кога дојдоа на власт, ветуваа не само подобри резултати, туку и повеќе публика, подобра лига, подобри стадиони, почесно првенство...Сите овие работи не само што не се подобрени, туку се и влошени. Затоа реагираат гледачите на трибините. Или можеби сите две-три илјади гледачи што доаѓаат да ја гледаат репрезентацијата, што свиркаат и го напаѓаат претседателот на ФФМ, се потплатени од опозицијата?

Власта расипува по дифолт

Власта расипува, велат теоретичарите што се занимаваат со оваа материја. Секоја власт ќе ги (зло)употреби сите (не)дозволени средства за да владее бесконечно, ако може. Без оглед на ефектите од нејзиното владеење. Обидувајќи се притоа да ги манипураат оние во чие име се поставени на функциите, со изграден и надграден систем на корупција. За да не ги чини митото прескапо и за да им остане повеќе, темел на доктрината е осиромашувањето, духовно и материјално, на тие што ги избираат за да можат полесно да ги поткупат. Уште ако општеството е во таква фаза од својот развој кога се котат безрбетници како клонови, тоа мочуриште создадено од небранување, им погодува на пијавиците што цицаат, сѐ додека објектот, во случајов фудбалот, не испушти душа.

Додека на критиката која има за цел подобрување на нештата ѝ бараат заднина, а не ја гледаат како обид за подобрување на фудбалот, ќе живеат во својот самобендисан свет, без самокритичност и реално согледување на состојбите. Ја закопуваат главата в песок како ноеви, задолжувајќи ги мегафоните да пропагираат дека работат „сѐ во интерес на фудбалот“. Последицата од празната демагогија е - сѐ помалку интерес за фудбалот.

Милорад Стојмановски

Најново во Фудбал