Имаа тоа што треба за подвиг

Вардар и Остерсунд се хит - Немаат рејтинг, но имаат срце планина

Вардар и Остерсунд се аутсајдери во друштво на 48 екипи, кои денеска ја чекаат ждрепката за групите во Европа Лигата, немаат висок рејтинг, но имаат тоа што е потребно за подвиг. Квалитет и големо срце како планина

објавено: 25 август 2017 - 11:30

Вардар и Остерсунд се аутсајдери во друштво на 48 екипи, кои денеска ја чекаат ждрепката за групите во Европа Лигата, немаат висок рејтинг, но имаат тоа што е потребно за подвиг. Квалитет и големо срце како планина.

И двете екипи имаа екстремно тежок пат кон историскиот пласман во фазата по групи во Европа Лигата.

Вардар почна против Малме во квалификациите за настап во Лигата на шампионите, а проблем беше Суперкупот на Европа, па не се играше во Скопје на свој терен, туку во Струмица. Ремито во Малме, 1:1 беше одличен почеток на „црвено-црните“, а победата во реваншот од 3:1 го доведе македонскиот првак на два чекори до пласман во Лигата на шампионите.

УЕФА дозволи првиот меч со Копенхаген да се игра во Скопје, а вардарци со победа се вратија на „Филип Втори“ арената и пред реваншот имаа предност од 1:0. Копенхаген, кој лани играше извонредно во ЛШ, беше фаворит против Вардар и само благодарение на грешките на „црвено-црните“ опобеди во реваншот со 4:1 и го прати Вардар во плејоф фазата за настап во Европа Лигата. Ждрепката беше немилосрдна, скопјани мораа на мегдан со турскиот гигант Фенербахче. 

Во меѓувреме имаше и неопчекувани потреси во клубот, сопственикот Сергеј Самсоненко најави заминување, а тренерот Гоце Седлоски си поднесе оставка. Набрзинасе најде чаре, на клупата пристигна Чедомир Јаневски и експресно успеа да ја врати победничката атмосфера во Вардар. И тоа по двата шок-порази од Копенхаген и од Шкендија. Вардар во двомечот со Фенербахче покажа и квалитет и мудрост и срце, па со две победи приредија сензација и за првпат ќе играат во Европа Лигата.

Остерсунд имаше слични маки и многу тешки противници, но успеа да се најде во фазата по групи во ЛЕ. На дебито на шведскиот клуб во европските натпреварувања им „падна“ Галатасарај.  Немаше дилема кој е фаворит и тоа апсолутен, но шведските јунаци не се предадоа. Иако на домашен терен на „Јамткрафт“ арена имаше повеќе турски навивачи од домашни, го декласираа Галата со 2:0, а во реваншот на „Турк Телеком“ арена го издржаа притисокот од над 30 илјади бучни навивачи на домаќинот и со реми, 1:1 го урнаа турскиот гигант.

Подвиг избраниците на Греем Потер направија и во плејоф фазата. На популарната „Тумба“ во Солун ПАОК ги победи со 3:1, но во реваншот Остерсунд славеше со 2:0 и благодарение на голот постигнат на гостински терен го постигнаа најголемиот клупски успех. И сега се единствената шведска екипа во Европа Лигата, а стратегот Потер е единствениот англиски менаџер што ќе предводи екипа од клупата во ова издание во ЛЕ.

И со коефициент од 3.945 поени се последни во друштво на 48 екипи, а пред нив е Вардар со коефициент од 5.125 поени. Ќе тргнат од последниот шешир, но подготвени и мотивирани пак да потврдат дека не е се во рејтингот, туку на терен вреди квалитетот и големото срце. А, тоа го имаат и двете екипи кои се со право истакнати како најголеми хитови во квалификацискиот циклус во европските купови.

Најново во Фудбал