Вистината и вината се крие во сопствените редови

Вардар наш слаб со стаж, фати фенер за опаш....

Вардар потфрли во сите сегменти и тотално неподготвен го дочека историскиот момент и првиот настап во фаза по групи во европските натпреварувања. Без сериозни засилувања во Европа не се оди, но тоа „црвено-црните" комплетно го игнорираа

објавено: 8 декември 2017 - 08:05

Вардар мина низ многу искушенија во историското учество во Европа Лигата, прво воопшто и за македонска екипа во фаза по групи, во едно од двете реномирани клупски натпреварувања на Стариот Континент.
За нас и нашиот фудбал и самиот продор во оваа фаза на натпревари претставува успех, но се потоа беше во рангот на дебакл.
Вардар е најлошата екипа во конкуренција на 48 состави, распоредени во 12 групи. Освои само еден бод во меч против Розенборг што не одлучуваше ништо. Против ривал кој реално немаше никакви посебни мотиви за игра. Со гол-разлика од 3:20 европското деби повеќе е за заборав, отколку за историја.
И за таквиот ефект што го фрли Вардар на самото дно од фазата по групи во Европа Лигата, виновникот треба да се бара исклучиво во сопствените редови. Единствено и тенко алиби е неискуството, кое постојано се потенцира од редовите на македонскиот првак.
Вистината е дека Вардар потфрли во сите сегменти и тотално неподготвен го дочека историскиот момент. Без сериозни засилувања во Европа не се оди, но тоа „црвено-црните" комплетно го игнорираа.
Во клубот има големи имиња кои знаат како е да се игра во Европа на врвно ниво.

Дуото Дарко Панчев и Илија Најдоски во улога на спортски и технички директор имаат европска титула со Црвена Звезда, како круна на своите кариери. Тренерот Чедомир Јаневски долги години беше во Белгија, земја која е во самиот врв на европскиот фудбал. Александар Васоски му е помошник, со драгоцено искуство од Бунделигата како играч. Капитенот Бобан Грнчаров има настапи за Апоел во Лигата на шампионите. Претседател на клубот е Мирко Спасески, стандарден член на генерацијата вардарови фудбалери кои во сезоната 1987/88 играа во Купот на европските шампиони, против тогаш актуелниот европски првак Порто.

Доволно искусни за да знаат што го чека Вардар во ваков европски настап. Потковани со знаење за да го подготват нашето прваче за многу подобро деби во Европа. Но, клучното прашање е дали сите заедно беа на иста фрекфенција. Сплотени како еден да му помогнат на „црвено-црниот" брод да најде помирно море од бурата која го фрли на дното.
Одговорот апсолутно е НЕ. Уште ако на тоа се филува отсуството на било каква желба на челниците на клубот, предводени од главната алка Сергеј Самсоненко, да ризикуваат малку повеќе, и да го одврзат кесето за адекватни засилувања, јасно ги дава сите одговори за неуспехот на Вардар. Гарниран со болни порази од 0:6 и 0:5 од Зенит и Реал Сосиедад.
А, за да биде Вардар барем малку поконкурентен, требаше само подобра организација во сопствените редови, подобра распределба на сопствените ресурси и особено пари. Факт е дека шампионот има и шампионски утки во играчкиот кадар. Богато платени резерви, кои не стапнаа на терен, тенок ростер, преморени фудбалери за тешки искушенија на повеќе фронтови и скромно балансиран состав. Секоја чест на јунаците што минаа тежок пат во квалификациите, за да се стаса до деби настапот во Европа Лигата, но токму за нив требаше да се има сенс. Да им се помогне со квалитетни засилувања и свежа крв, во пеколното темпо кое ги истошти и ги остави без енергија за новите предизвици со тешки противници. 
Самоуништувањето, типично за нас, само го дополни и погрешната перцепција на добар дел вардарци, дека нашиот првак се најде во неатрактивна група.

Исклучително потценувачки, како Вардар да е гигант од светски размери, со амбиции да го освои трофејот во Лига Европа. На патот дотаму само треба да ги „преслуша" непознатиот Зенит, кој патем беше победник во УЕФА купот во 2008 година. Клуб кој без проблем може да си дозволи да плати 23 милиони евра и да го купи Леандро Паредес од Рома. Со 5 страшно добри Аргентинци, со екстра квалитетен и моќен интернационален состав, за кој играат прекалени и искусни волци. Предводен од светски познатото име и презиме, Роберто Манчини. Навистина лесен залак за нашиот Вардар.
Зад нив е Реал Сосиедад, екипа која одлично игра во најсилната лига на светот, шпанската Ла Лига. Со ривали од калибарот на Реал Мадрид, Барселона, Атлетико Мадрид, Валенсија...

Дополнете ја групата со Розенборг, за многумина најдобриот тим од Скандинавија во последните неколку години, и како меур од сапуница ќе се разбијат сите илузии на размазените Македонци, во овој случај вардарци, со мошне чуден критериум за рангот и рејтингот на противниците во Л групата.
Ако на се, сѐ додадат и домашните кавги за цените на билетите, лошиот маркетинг, празните трибини во моменти кога се пишува историја, доволно е да се препознае зошто Вардар мина како бос по трње. Во долгоочекуваниот настап во фаза по групи во европските купови.

До некоја друга прилика, ако ја дочекаме и во очекување на поатрактивна група за светскиот фудбалски гигант од Скопје, ќе не тресе разочарувачката европска групна фаза, во ритамот Вардар наш, слаб со стаж, фатил фенер за опаш....

Зоран Поповски

Најново во Фудбал