Може ли вечер да се сопре лошата серија

Вардар сака подвиг, да донесе барем еден бод од Доностија

Може ли Вардар да ја сопре црната серија од три порази, сите убедливи во првото учество во Европа Лигата? Тоа прашање ги мачи сите симпатизери на македонскиот првак, а веројатно ако се бара прекин на низата неуспеси, тогаш Реал Сосиедад е веројатно последниот ривал каде треба да се бара рехабилитација и подвиг

објавено: 2 ноември 2017 - 17:51

Од Сан Себастијан, Зоран Поповски

Може ли Вардар да ја сопре црната серија од три порази, сите убедливи во првото учество во Европа Лигата? Тоа прашање ги мачи сите симпатизери на македонскиот првак, а веројатно ако се бара прекин на низата неуспеси, тогаш Реал Сосиедад е веројатно последниот ривал каде треба да се бара рехабилитација и подвиг.

„Ние сега собираме искуство, но сакаме и да собираме бодови. Не смееме да се закануваме на ривал кој не победи со 6:0 во Скопје, но верувам дека со поконцентрирана игра, со повеќе дисциплина ќе успееме подобро да му се спротивставиме на Реал Сосиедад. Не смееме да им дозволиме брза игра преку крила, што им е одлика. Верувам во многу подобар настап, во вториот меч со Реал Сосиедад“, вели Чедомир Јаневски.

Тој треба да најде многу подобар рецепт и концепт од пред две седмици, кога во Скопје истиот ривал го разби Вардар и му даде шест гола без да прими ниту еден.

И сега по три порази вардарци се надеваат дека на „Аноета“, вечерва од 21,05 часот ќе успеат да приредат сензација и да освојат барем еден бод.

Или како што овде во Сан Себастијан велат гостите од Скопје, може ли да се освои првиот бод од Европа Лигата. Или симболично Вардар да го донесе дома првиот бод токму од Доностија, како што баскијците си го нарекуваат Сан Себастијан.

Најново во Фудбал