Утре е последниот воз за бодови во историското учество

Велковски: Подготвени сме за успех, време е Вардар да ги освои првите бодови

Дарко Велковски е оптимист пред утрешниот дуел со Розенборг во последниот меч за Вардар во Л групата од Европа Лигата. Македонскиот шампион има последна шанса да освои бодови и со успех да се прости од историскиот настап во фаза по групи во европските купови. „Подготвени сме за успех и се надевам со победа ќе ја израдуваме публиката“, вели Велковски

објавено: 6 декември 2017 - 15:48

Вардар го игра последниот меч во Л групата во Европа Лигата, а за крај на гости доаѓа норвешкиот првак Розенборг. Утре од 21,05 часот на националната арена во Скопје, нашиот шампион ќе атакува на првите бодови во историскиот настап во Европа.

„Играме против екипа што игра скандинавски стил на фудбал. Имаме искуство, бидејќи во овој циклус ривали ни беа Малме и Фк Копенхаген. Подготвени сме за успех и се надевам со победа ќе ја израдуваме публиката. Ако ја спуштиме топката на земја ќе можеме да ги неутрализираме високите и физички силни играчи на Розенборг. Со висок пресинг, можеме да им го анулираме најсилното оружје, скок играта“,вели Дарко Велковски.

Цврста одбрана е рецептот на успехот во Европа, но Вардар досега на пет меча не беше на потребното ниво и забележи пет порази со многу примени голови. За крај на историското учество во фаза по групи во Европа Лигата, скопјани најавуваат сосема нов лик, за конечно да се стаса до толку посакуваната победа, или реми во Европа.

„Ова е големо искуство за нас. Сакаме да ги освоиме првите бодови. Освен искуството, треба да се обидеме и да постигнеме добар резултат. Можевме и претходно на дуелите со Розенборг и Зенит, на гости, да го освиме историскиот бод, но не успеавме. Можеме сега на крајот да дојдеме до толку посакуваните бодови. Треба да одиграме максимално дисциплинирано, мотивирани да излеземе на терен и да се обидеме да одиграме како што посакуваме од стартот на фазата по групи во Европа Лигата. Ќе мораме во дефанзивата да направиме неколку рокади, бидејќи и принудени сме поради повреди да менуваме. Сепак без разлика на се ќе се обидеме да наметнеме свој стил на игра и со бодови да го завршиме првото учество на Вардар во фаза по групи во европските купови“, вели тренерот Чедомир Јаневски.

Најново во Фудбал