Долг пат минаа со едногодишната ќерка

Зенит пред се - Семејна авантура до Скопје, Фиона е најмладиот навивач на гостите од Русија

Зенит ќе победи со 2:0, сигурен сум во тоа. Како подарок за ќерка ми Фиона, која има една година и вечерва ќе биде најмладиот наш навивач. Вардар е опасен тим, и тоа го покажа со елиминација на Фенербахче, но Зенит е во подем и ќе победи, вели Макс од Санкт Петербург. Страствен навивач на Зенит, сега дојден во Скопје, за мечот со Вардар, во семејна варијанта со сопругата и едногодишната ќерка

објавено: 14 септември 2017 - 16:20

Зенит ќе победи со 2:0, сигурен сум во тоа. Како подарок за ќерка ми Фиона, која има една година и вечерва ќе биде најмладиот наш навивач. Вардар е опасен тим, и тоа го покажа со елиминација на Фенербахче, но Зенит е во подем и ќе победи, вели Макс од Санкт Петербург. Страствен навивач на Зенит, сега дојден во Скопје, за мечот со Вардар во семејна варијанта со сопругата и едногодишната ќерка.

„Имаме одличен тим и верувам дека ќе победиме, иако Вардар изгледа опасно. Знам дека го победија и Малме и Копенхаген и Фенербахче на домашен терен. Верувам дека Зенит ќе ја прекине серијата и дека ќе славиме со 2:0. Триумф што ќе биде подарок за мојата ќерка“, вели Макс.

Тој и неговото семејство се во Скопје од почетокот на оваа седмица и раскажува дека е изненаден од убавините на нашиот главен град.

„Фудбалот ќе биде шлагот, но морам да ви кажам дека сум пријатно изненаден од убавините на Скопје. Бевме на Матка и таму е прекрасно. Сега сме во центарот на градот во прошетка, а ги посетивме и Старата Чаршија, Шутка.... Искрено не очекував дека ќе ни биде толку пријатно при првиот престој во Македонија и воопшто на Балканот“, додава Макс.

Минаа речиси 3 илјади километри за да му дадат поддршка на својот миленик Зенит, а малата Фиона веројатно ќе биде и најмладиот навивач на гостите, вечерва на „Филип Втори“ арената во Скопје, на премиерниот дуел за двете екипи во Л групата од Европа Лигата.

Зоран Поповски

Најново во Фудбал