ПРЕМИЕРНО ИЗДАНИЕ НА МЗТ СКОПЈЕ ВО АБА 2 ЛИГАТА

Ако „по утрото денот се познава", тоа ќе биде добра пловидба на „металците"...

На отворањето на сезоната во АБА 2 лигата, единствениот македонски претставник го совлада словенечки Хелиос Санс со убедливи 92:79.

објавено: 27 септември 2018 - 20:43

Победнички почеток на МЗТ Скопје Аеродром во новото натпреварување за него, АБА 2 лигата. Во првиот меч од новата сезона, во Скопје допатува екипата на Хелиос од Домжале. Словенците беа добри едно полувреме во кое и водеа, на крајот и губеа. 

Пресуди третата четвртина во која нашиот вицешампион беше за десет поени подобар, на крајот сето тоа заедно, доволно за убедлив стартен триумф на „сино-белите“. 

МЗТ Скопје – Хелиос 92:79 (21-27; 22-13; 28-18;21-21 )

Со еден странски концепт почна Ѓорѓи Кочов на стартот од новата сезона, оној официјалниот во АБА 2 лигата. Поточно со четири странски кошаркари и Дамјан Стојановски како капитен, и предводник на новиот тим од Аеродром.

И не баш „добитен" беше истиот, барем не во првата четвртина од играта против гостите од Домжале.
Премногу дупки, пред се во одбраната имаше во играта на „металците", кои дозволија противникот да уфрли дури 27 поени во четвртината. А добар дел од поените, вкупно 21 пак ги дадоа од линијата за слободни фрлања.

Со малку подобрата игра во одбраната дојде и резултот. На половина од вториот период МЗТ Скопје стигна до егал резултат (32:32), веќе во следниот напад и во водство, минимално се разбира.

Така беше и на истекот на полувремето (43:40), во кое домашниот тренер веруваше најмногу во центарскиот двоец Бојиќ-Иванов (воопшто не влезе болниот Младеновски), а и доби најмногу од нив, иако во тоа поентерско друштво, со 12 реализации (исто како и Бојиќ се вмеша Американецот Вудард).

МЗТ дојде на плус 3 иако имаше очајен шут од далечина (1/9 за три поени ). Гостите стартуваа со 4/5 од таа позиција, но завршија со 4/11, што секако, имаше свое влијание на исходот на првото полувреме во СЦ „Јане Сандански" каде на оваа АБА2-премиера во новата сезона се собраа помалку од илјада гледачи.

Третиот дел не донесе многу промени, освен непотребна нервоза на двете страни (по една техничка грешка), и тоа што Стојановски „се појави" како трет поентер" во домашната екипа која имаше и плус од 14 поени (65:51), но и една слаба секвенца која Хелиос ја искористи за мини серија од (7-0) со која го „раситни" водството на МЗТ на едноцифрено (58:65).

За кратко, затоа што со пет брзи поени „металците" се вратија на комфорни (71:58).

Иста матрица беше видена и во оние последни десет минути од скопската премиера во АБА 2 конкуренцијата. Словенците делуваа доста заморено, без некои сериозни апетити да го нападнат двоцифреното водство на МЗТ Скопје во кое свое поентерско место си најдоа петмина кои завршија како „двоцифрени“. 

Најмногу, 22 поени дојдоа од Бојиќ, три помалку од Вудард. Ефикасен, особено во вториот дел беше капитенот Стојановски (реализираше 16), Иванов имаше 13, а Медфорд уште 10. 

Пашајлиќ, Шалиќ и Фон доминираа поентерски кај Хелиос. Искомбинираа 51.поен од крајните 79.

И во следното, второ коло, МЗТ Скопје ќе биде во улога на домаќин. На 3. октомври во Скопје гостува ланскиот учесник на плеј-офот во АБА 2 лигата, Борац од Чачак предводен од екс селекторот на Македонија, Јовица Арсиќ.

 

Најново во Кошарка