НОВИОТ МЗТ СКОПЈЕ ПОЧНУВА СО РАБОТА

Бејли и Џенсен ден подоцна

Со само еден странец во тимот, МЗТ Скопје Аеродром вечерва (19 часот) во големата сала на спортскиот центар „Јане Сандански" ги почнува подготовките за претстојната сезона, во која ќе настапува во регионалната АБА лига, а ќе се бори за трофеите во домашните натпреварувања.

објавено: 22 август 2017 - 10:30

Актуелниот шампион, овојпат предводен од новиот тренер Александар Тодоров, на првиот ден од подготовките ќе има некомплетен состав, со само еден присутен странец, плејмејкерот Ерик Гарсија.

Другите двајца Американци, крилото Брет Бејли и крилниот центар Даниел Џенсен, во Скопје ќе допатуваат вечерва, па тие со тренинзи ќе почнат од утре, и со тоа, екипата речиси целосно ќе се комплетира.
Најинтересно ново име кај „металците" е Бојан Трајковски, кој за првпат во кариерата ќе го облече сино-белиот дрес на аеродромскиот клуб.

Дамјан Стојановски после пауза од една година, повторно и се враќа на кошарката, и ќе биде капитен на тимот. Марко Симоновски има повреда и тој нема да тренира со полн интензитет, а од староседелците тука е само уште Адем Мекиќ. Бобан Стајиќ се враќа после неколку години, а нови ликови се младинците Маслинко, Мамузиќ и Митев.
До почетокот на новата сезона, кој е закажан за 29 септември и меч со Партизан во Скопје, во МЗТ планираат да одиграат десетина контролни средби.

Најсилни тестови веројатно ќе бидат оние на 6 и 7 септември во Истанбул, во рамките на турнирот на кој ќе играат уште Бујукчекмеџе, Истанбул ББ и Цибона.

Најново во Кошарка