„ЦРВЕНО-БЕЛИТЕ" ГО РЕШИЈА ЦЕНТАРСКОТО ПРАШАЊЕ

Црвена Звезда ќе го напаѓа МЗТ со Омиќ, но без Антиќ и Фелдејн

Поранешниот репрезентативец на Словенија Ален Омиќ е нов играч на белградска Црвена Звезда, потврди клубот од Калемегдан пред тргнување за Скопје, каде утре вечер ги чека дуелот со македонскиот шампион.

објавено: 21 јануари 2018 - 16:54

На два дена пред дуелот со МЗТ во Скопје, (утревечер од 18. часот), раководството на актуелниот АБА шампион го ангажираше 25.годишниот кошаркар, а кој треба да пополни позицијата „пет" во составот на тренерот Душан Алимпијевиќ.

И иако има 25. години, Омиќ важи како играч со доста богато интернационално искуство кое го собирал играјќи за клубови како Унион Олимпија, Гран Канарија, Анадолу Ефес, Уникаха и Хапоел.

Овој 216. сантиметри висок кошаркар, заедно со Французинот Матијас Лесор, и Милко Бјелица, ќе бидат и највисоките пречки за македонскиот првак на утрешниот меч од АБА лигата.

Во моментов, извесно е дека бранителот на титулата во нашиот главен град ќе допатува без Американецот Џејмс Фелдејн, а сосема неизвесен е и настапот на нашиот интернационалец, Перо Антиќ.
Антиќ се пожалил на болки во пределот на порано повреденото стопало, па не беше дел од тимот на Црвена Звезда на гостувањето во Тел Авив и дуелот со Макаби.
Во меѓувреме, од Белград стигнува и информацијата дека е прекината соработката со Никола Радичевиќ, затоа што бекот најавил враќање во Шпанија, каде играше во ланскиот шампионат, и тоа како играч на Бетис од Севиља (заедно со нашиот Војдан Стојановски).

Најново во Кошарка