Нешовиќ е брзата замена за Доминик Мавра

Дали „Лаки“ ќе му донесе повеќе среќа на МЗТ Скопје

Алексеј Нешовиќ стави потпис на договорот со МЗТ Скопје, и заедно со Џордон Крафорд ќа бидат новиот плејмејкерски тандем во редовите на „штрковите".

објавено: 4 февруари 2018 - 14:46

Алексеј Нешовиќ стави потпис на договор со МЗТ Скопје, и заедно со Џордон Крафорд ќе бидат новиот плејмејкерски тандем во редовите на „штрковите".
МЗТ сезонава ја почна со Ерик Гарсија и Бобан Стајиќ, продолжија Доминик Мавра и Никола Павличевиќ, а веројатно (со МЗТ никогаш не се знае) ќе ја завршат Крафорд и Нешовиќ.
Американецот Крафорд утре вечер против Блокотехна ќе го има своето деби, а пред завршницата од Купот, тимот ќе се засили со Нешовиќ.

Нешовиќ е добро познат во македонските кошаркарски кругови. Во 2014 година играше за Лирија, а потоа две сезони мина во дресот на гевгелиски Кожув. Во моментов, популарниот „Лаки" (среќниот) е член на српскиот прволигаш ОКК Београд. Во саботата, кога МЗТ се посрамоти против Олимпија, Нешовиќ со ОКК Београд играше против Златибор, и за 32 минути имаше 23 поени, и по 5 скока и асистенции, како и три украдени топки. 
Алексеј е поранешен репрезентативец на Босна и Херцеговина, има играно на две европски првенства (2007 и 2011 година), кариерата ја почна во Црвена Звезда пред 16 години, а наредниот месец ќе наполни 33 години, и може да биде од голема помош за МЗТ во ситуација кога на тимот очајно му треба еден докажан искусен организатор на играта. Квалитетите на Нешовиќ му се добро познати и на тренерот Жељко Лукајиќ, кој го тренираше Нешовиќ во Хемофарм, во сезоната 2011/2012.
Нешовиќ е роден во Сараево, БиХ, и играше за репрезентацијата на таа земја, но по националност е Србин, и затоа околу неговото име беа врзани контроверзи кога во 2006 година стана еден од првите Срби што заиграле за хрватски клуб (Загреб), и во 2015 година кога потпиша за Сигал Приштина, најдобриот тим од Косово.

Најново во Кошарка