ЛОШИ БРОЈКИ ИМА НАШИОТ ПРВАК ВО АБА КОНКУРЕНЦИЈАТА

ДЕФАНЗИВАТА како проблем број 1 за МЗТ!

Во првите шест кола од новата сезона, кошаркарите на МЗТ Скопје имаат најслаба одбрана, имаат најмалку скокови, а најмногу загубени топки...

објавено: 1 ноември 2017 - 12:25

Како тим, МЗТ Скопје е шести најефикасен тим во лигата, но ја има и најслабата одбрана (најмногу примени поени), па затоа се наоѓа на претпоследната позиција на табелата.

Освен тоа, „аеродромци“ се тим со најмалку скокови и блокади во лигата, а претпоследен по бројот на украдени топки. МЗТ е тим со најмногу загубени топки, уште една негативна статистичка категорија.

На листата на играчи со најмногу грешки, од осумтемина на врвот, дури тројца (Трајковски, Минчев и Гарсија) се од МЗТ.

Дебито на Радосав Спасојевиќ, враќањето на крилото Јордан Минчев кој не играше со Звезда поради мала повреда и најавата за доведување добар бек со искуство од АБА-лигата даваат причини за оптимизам во клубот во наредниот период.

Поразот од Звезда беше очекуван, но начинот на кој беше остварен беше неприфатлив, па затоа беа и критиките на тренерот Тодоров по завршувањето на мечот на кој „металците" го допреа дното и забележаа неколку негативни рекорди.

Тодоров имаше замерки за играчите кои досега најчесто играа само во домашната лига, а поретко влегуваа во игра во јадранската лига. Но, заминувањето на Даниел Џенсен како да влијаеше негативно врз неговиот сонародник Брет Бејли, кој првпат сезонава остана без поени, а се здоби со повреда на носот при еден дуел со Бранко Лазиќ.

Бејли не само што не даде кош туку на моменти изгледаше загубено на теренот и направи три грешки, па ја заврши средбата со негативен индекс на корисност. Ако нешто драстично не се смени, и Бејли наскоро ќе си замине, а неговото место во составот ќе го заземе Марко Симоновски, кој со Минчев и со Игор Пенов ќе ја покрива крилната позиција.

Најново во Кошарка