Шампионот го потврди репрезентативецот

Ѓуроски и МЗТ во „отворена“ врска

Стојан Ѓуроски и официјално е новото засилување на МЗТ Скопје. Од таборот на клубот веруваат дека македонскиот репрезентативец ќе биде од голема помош во борбата за излез од кризата. 

објавено: 27 октомври 2016 - 17:04

МЗТ Скопје на својата официјална страница го потврди странсферот на Стојан Ѓуроски. Она што е ново е дека македонскиот репрезентативец и шампионот имаат отворен договор, нивната дружба може да заврши во секое време без дополнителни финансиски обврски.

„Македонскиот кошаркарски репрезентативец, Стојан Ѓуроски (24 год., 203 см.) од денеска и официјално е нов член на МЗТ Скопје, со што им се приклучи на колегите од националниот тим, Адем Мекиќ, Марко Симоновски и Љубомир Младеновски. Станува збор за играч кој игра на позицијата ниско крило и кој ќе треба да биде од голема помош во следните неколку средби на кои поради повреди нема да настапат Симоновски, Ѓорѓе Дреновац и Шарлон Клоф. Ѓуроски во следниов период ќе игра со таканаречен отворен договор“, стои во соопштението на МЗТ Скопје.

Ѓуроски минатата сезона ја почна во дресот на Работнички, но набрзо потоа се пресели во тимот на Кожув. Претходно, настапуваше за бугарски Левски, а зад себе има и четиригодишен период во американската НЦАА-лига во дресот на Луизијана Тек универзитетот.

Тој своето деби ќе го има на дуелот со Мега Лекс во недела.

Најново во Кошарка