МАКЕДОНСКИОТ ПРВАК ПОСТАВУВА НЕСЛАВНИ РЕКОРДИ

Кај „Струја" нема ниту 70 „волти", а противниците „бришат под" со МЗТ !?

Најтежок пораз за МЗТ Скопје Аеродром на еден АБА меч во овие шест сезони колку што клубот настапува во регионалната лига, најмалку постигнати поени, тројки и слободни фрлања сезонава.

објавено: 4 февруари 2018 - 17:30

Најтежок пораз за МЗТ Скопје Аеродром на еден АБА меч во овие шест сезони колку што клубот настапува во регионалната лига, најмалку постигнати поени, тројки и слободни фрлања сезонава.

Ова се бројките со кои кошаркарите во сино-бели дресови го завршија натпреварот со Петрол Олимпија, тим кој до пред ова коло, беше претпоследен на табелата.
А кога од претпоследниот ќе загубите дома со 55:96, јасно е дека нешто не е во ред, особено што на полувреме, МЗТ имаше предност од (39:37).
И не е тоа дека МЗТ е толку послаб од Олимпија за да загуби од „змајчеките" едно полувреме со неверојатни 42 разлика, туку во првото полувреме се виде дека екипите квалитативно се изедначени.


Што се случи во второто полувреме, е прашање на кое ниту тренерот Жељко Лукајиќ синоќа, а веројатно и денеска и во деновите кои следуваат, нема (ше) одговор.
Последната позиција во АБА лигата е зацементирана, МЗТ веќе нема никаква шанса да го избегне дното.
И ако нешто не се смени (евентуална одлука за проширување на лигата, па да се доделуваат вајлд-карти), МЗТ во следната сезона нема да биде дел од главното јадранско друштво (треба да игра во втората АБА, ако таа лига продолжи да функционира).
На македонскиот првак му остануваат уште три кола во АБА, две гостувања во Црна Гора кај Будуќност и Морнар, и еден домашен меч, со Цедевита.

„Ме загрижува како ќе изгледаме во последните три кола. Ние одамна си ја запечативме судбината околу опстанокот. Навивачите се во право што си заминаа предвреме. Необјасниво е зошто се предадовме уште во средина на трета четвртина. Како тим, не се сме добри, тоа е сигурно. Кога ќе погледнете поединечно, имаме искусни докажани играчи, но како тим не сме добри" - додаде популарниот Струја, кој откако седна на клупата, се нема израдувано на триумф во „Јане Сандански".

Арена во која МЗТ Скопје со Лукајиќ како тренер, ниту еднаш нема постигнато 70. или повеќе поени.

Најново во Кошарка