ВЕЧЕРВА (18.ЧАСОТ), ВО КОПЕР – ДУЕЛ НА НЕПОБЕДЕНИТЕ ВО АБА-2

Ќе биде ѓаволски тешко против „тигрите"

„Би сакал да го продолжиме тој победнички тренд. Јасно е дека можеби ова е и најтешкото, и најдалечно гостување во оваа лига. Но реков, му пристапуваме максимално ангажирано. Сакаме да покажеме и во Копер дека она во Гевгелија беше една слаба вечер на тимот"- вели Љубомир Младеновски.

објавено: 11 октомври 2018 - 14:00

Еден од оние кои се подобро запознати со квалитетите на словенечката лига во секој случај е репрезентативниот центар на МЗТ Скпје, Љубомир Младеновски.

Минатата сезона Младеновски ја помина како играч на љубљанска Илирија, но понудата која ја испрати раководството на „металците" во текот на летото го натера да се врати во Аеродром.

„Мислам дека сега сме пред најголемиот предизвик во овој прв дел од сезоната. За жал, не го валоризиравме добриот старт во АБА 2 лигата со стартна победа во домашното првенство.Но тоа не ги менува нашите амбиции. На секој меч во оваа јадранска конкуренција да одиме на победа, впрочем како и на секој нареден во сезоната" - вели Младеновски.

Интересно е што оваа сезона Приморска се засили со двајца соиграчи на Младеновски. Ова лето Жан Марк Шишко и Лука Вончина станаа нови играчи на Приморска Сикст.

„Се познаваме добро, игравме заедно лани. Станува збор за квалитетни играчи, какви што има доста во оваа екипа со која ќе ги одмериме силите вечерва".

МЗТ Скопје и Приморска, заедно со Сплит се трите екипи кои се со максималнио две победи на почетокот на оваа нова сезона во АБА 2 лигата?

„Би сакал да го продолжиме тој победнички тренд. Јасно е дека можеби ова е и најтешкото, и најдалечно гостување во оваа лига. Но реков, му пристапуваме максимално ангажирано. Сакаме да покажеме и во Копер дека она во Гевгелија беше една слаба вечер на тимот. Треба да обрнеме особено внимание на нивните искусни играчи како Јагодиќ-Куриџа, Маринковиќ, кои го чуваат рекетот, најискусниот во нивните редови, Американецот Херис. На нивниот квалитет да одговориме со нашиот. Ќе биде тешко, но шанси имаме, на нас е да ги користиме, мислам дека сме способни за такво нешто"- дополнува репрезентативниот центар на МЗТ Скопје.

 

Симоновски во тимот, колку ќе игра, ќе видиме

Она што засега останува „отворено прашање" е евентуалното враќање во тимот на уште едно репрезентативно име – Марко Симоновски.
Поради проблеми со повредата (набиена пета), одличниот шутер на „сино-белите" го пропушти дуелот од минатото коло против Борац од Чачак, а не играше ниту против Блокотехна во првото првенствено коло од македонскиот шампионат.

Симоновски е во Порторож, каде е експедицијата на „метлаците“. Колку ќе игра вечерва, ќе одлучи тренерот на „сино-белите“, Ѓорѓи Кочов. 

Б. Радуловиќ

Најново во Кошарка