ОВА Е МЕЧ НА КОЛОТО ВО АБА 2, ЌЕ СЕ ПРЕНЕСУВА НА АРЕНА СПОРТ

Кочов: Приморска е силна, но има и слабости

Македонскиот кошаркарски вицешампион, екипата на МЗТ Скопје Аеродром, попладнево замина за Словенија каде што утре, во Копер, ќе ги одмери силите со една од трите непоразени екипи по воведните кола од АБА2-лигата – Сикст Приморска (18:00 часот).

објавено: 10 октомври 2018 - 14:10

„Сино-белите" добро го почнаа настапот во регионалното натпреварување со две стартни победи на домашен терен против Хелиос и Борац Чачак, поради што очекуваат продолжување на позитивниот тренд, особено во дуелот против еден од најголемите ривали во борбата за првото место.

Приморска на идентичен начин, со два триумфи во низа ја почна сезоната, а сите анализи велат дека нашиот тим утре вечер против себе ќе има квалитетен состав кој во моментов би имал што да каже дури и во елитната АБА-лига.

Со ваквата констатација се сложува и тренерот Ѓорѓи Кочов.

„Со оглед на сите информации до кои дојдовме, екипата на Приморска дефинитивно е најсериозен кандидат за пласман во АБА-лигата, а мислам дека во моментов имаат екипа која добро би играла во најдоброто регионално натпреварување. Квалитетно се пополнети на сите позиции, имаат екстра центарска линија и играат агресивно. Нормално, имаат и слабости во играта, кои ќе се обидеме да ги искористиме со максимално пожртвувана и агресивна игра. Имаме ситни повреди во тимот, но верувам дека ако ни се укаже шанса, ќе може да дојдеме до посакуваните бодови", изјави стратегот на МЗТ Скопје Аеродром.

Ова е прв меѓусебен дуел помеѓу двете екипи, кои е избран за меч на колото и ќе биде директно пренесуван на програмите на телевизијата Арена Спорт.

Најново во Кошарка