НЕМА ПРЕЧКИ ЗА РЕАЛИЗАЦИЈА НА ТРАНСФЕРОТ

Мавра го раскина договорот со Хувентуд, слободен е да потпише со МЗТ

Ако се средат потребните документи навреме, хрватскиот интернационалец би можел да заигра веќе на неделниот натпревар од АБА лигата кога во Скопје доаѓа Мега бемакс...

објавено: 3 ноември 2017 - 12:22

Доминик Мавра направи чекор плус во реализацијата на планираните активности. Хрватскиот интернационалец кој е поврзуван со трансфер во нашиот најдобар клуб, МЗТ Скопје, и официјално, ја прекина соработката со шпанскиот Хувентуд, и на тој начин стана „слободен агент".

Тоа го потврди и раководството на „зелено-црните" од Бадалона на својот официјален сајт.

Сега следува оној втор дел од приказната, односно потпишување на договорот кој уште еднаш во неговата кариера ќе го донее во нашиот главен град. Но сега, не како играч на Карпош Соколи, туку на нивниот лански најголем конкурент, оној од Аеродром.
Не е никаква тајна дека актуелниот македонски шампион има сериозен интерес кон Мавра, и дека во клубот од „Јане Сандански" будно ја следеа ситуацијата со неговото предвремено заминување од Бадалона, каде играше заедно со нашиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ.


Пред некој ден интересот за потписот со Хрватот го најави и шефот на струката во МЗТ, Александар Тодоров.

„Како шеф на стручниот штаб можам да кажам дека Доминик Мавра е и тоа како интересен кошаркар за нас. Но дека се додека не се реализира договорот, не можам да кажам ништо повеќе за тоа" – кажа Тодоров.

Мавра ќе се врати во Скопје, многу веројатно во сабота наутро, и многу извесно е дека многу брзо и ќе заигра за актуелниот македонски првак – МЗТ Скопје Аеродром.

Ако се средат потребните документи навреме, хрватскиот интернационалец би можел да заигра веќе на неделниот натпревар од АБА лигата кога во Скопје доаѓа Мега бемакс.

Ќе биде добредојден, особено по она очајно издание на „сино-белите" во првенствениот дуел со Блокотехна, кој го загубија на домашен паркет.

 

Најново во Кошарка