ГЕНЕРАЦИЈАТА 1999 И ПОМЛАДИ СТАРТУВА ВО ЈУНИОРСКАТА АБА-ЛИГА

Младите „металци" излегуваат на Јадранот

Јуниорската екипа на МЗТ Скопје Аеродром (играчи до 19 години) го започнува својот прв настап во новоформираната јуниорска АБА- лига. Младите „металци" се во Белград, каде што од денеска до недела играат со своите врсници од другите тимови кои се во групата „А“.

објавено: 24 ноември 2017 - 15:30

Откако ќе одигра четири натпревари со сите свои ривали на турнирот во салата „Баскет сити хол" (дом на клубот ФМП Железник), тимот на тренерот Небојша Ѓуковиќ ќе се обиде да се пласира на некое од првите две места на табелата за да замине на финалниот турнир во Лакташи.

Составот на МЗТ за настап на турнирот во Белград е: Дејан Дуковски, Виктор Исајлоски, Валмир Какруки, Дамјан Крстевски, Бојан Лазаревски, Никола Марков, Дамјан Миса, Дарио Митевски, Андреј Настовски, Борјан Стојановски, Славчо Темелковски и Мартин Трсунов.
Од овие 12 таленти, четворица се родени 1999 година, шестмина 2000, а најмлади се двајца, кои се родени во септември 2001.


Играњето во АБА е предизвик за јуниорите, па така МЗТ во своите редови успеа да привлече неколкумина добри играчи и македонски репрезентативци кои досега играа во други наши клубови. Неколкумина се староседелци, меѓу нив и Настовски, кој во март годинава, со 16 години настапи за првиот тим и даде кош на гостувањето кај Будуќност, во сениорската АБА-лига.
Белградскиот турнир ќе биде многу силен, тука се Црвена звезда и Мега Бемакс, кои пролетоска учествуваа на јуниорскиот „Фајнал фор“ во Евролигата. Од овој настан кој ќе го следат многу скаути од целиот свет, ќе има интернет-пренос.
Во групата Б, турнирот се игра во Загреб, а таму учествуваат Цедевита, Игокеа, Будуќност, Олимпија и Партизан.

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ

ДЕНЕСКА:

18.30: МЗТ Скопје - Морнар

САБОТА:
11.30: МЗТ Скопје - Цибона
НЕДЕЛА:
09.00: МЗТ Скопје - Мега Бемакс
16.00: МЗТ Скопје - Црвена звезда

Најново во Кошарка