Прекин на договорот помеѓу првакот и младиот репрезентативец

МЗТ го „пушти“’ Цветковски, продолжува во Кожув

По доаѓањето од Словенија, младинскиот репрезентативец веднаш замина во Гевгелија каде го официјализираше договореното со раководството на „црвено-белите".

објавено: 15 ноември 2016 - 18:00

Андреј Цветковски во претстојната сезона од македонската прва лига ќе го носи дресот на гевгелиски Кожув. Бекот на младинската репрезентација на Македонија, во минатата сезона беше член на Работнички, а летоска прејде во МЗТ Скопје Аеродром.

Сепак, тој не доби доволно шанса да ги покаже можностите, па побара исписница.
Цветковски пред околу една недела се договори со Кожув, и се знаеше дека средбата со Крка во Ново Место му е последна како член на МЗТ.

Од денеска, тој и официјално веќе не е играч на МЗТ. А по доаѓањето од Словенија, младинскиот репрезентативец веднаш замина во Гевгелија каде го официјализираше договореното со раководството на „црвено-белите“. 
Во АБА лигата, Цветковски играше само на средбата со Мега Лекс, и за седум минути игра, не даде ниту еден кош (утна еден обид за тројка).
Во Еврокупот, тој играше на два меча и просекот му беше 9 минути. Неговата најдобра игра како „металец" беше во првото полувреме против Цедевита кога ги изненади Хрватите со 7 поени, па оттука и неговиот просек од 3,5 поени на двата меча во Еврокупот.

Најново во Кошарка