ЧЕТВРТТА „НУЛА“ ЗА АВ ОХРИД ВО АБА 2 ЛИГАТА

Ништо ново од охриѓани, ниту во Мостар...

Ниту на гостувањето кај Зрињски тимот од Охрид не покажа некој напредок, како во играта, така и во резултатот. Четвртти убедлив пораз (93:62).

објавено: 31 октомври 2017 - 19:44

Кошаркарите на АВ Охрид не успеаја да променат некои работи кога е во прашање настапот во АБА 2 конкуренцијата.

Ниту на гостувањето во Мостар, избраниците на тренерот Петар Чочороски не покажаа некое значајно подобрување. Напротив, покажаа дека во овој момент се далеку од конкуренцијата во ова второ по ранг регионално натпреварување на просторите на поранешната држава.

Зрињски – АВ Охрид 93:62 ( 32-24; 24-16; 23-10; 14-12)
Практично уште во првиот период , кога примија дури 32 поени (дадоа само 24), охриѓани покажаа дека не се подготвени да се одбранат од нападите на домашната екипа.
Слабиот старт предизвика и лошо продолжение на овој дуел во Мостар, затоа што до одморот Зрињски имаше скоро недостижни (56:40).

Апсолутно ништо не се смени и по оние 15. минути предвидени за одмор. Напротив...
Особено лошо охриѓани одиграа во офанзивата. Постигнаа само десет поени, противникот дури 23, по што беше решено прашањето околу конечниот резултат.

Зрињски поведе со големи, огромни и недостижни, (79:50) по три одиграни четвртини. Победникот беше решен, се чини и многу порано, па оние последни десет минути беа само колку да се „одработат“.

Трилингот на странци во АВ Охрид заврши како „двоцифрен“. Предначеше уште еднаш Французинот Реми Бери кој реализираше 22. поени. Австралиецот Томас уфрли 13, а Американецот Рос уште 11.  

Но бројот на загубени топки, особено на најефикасните (заедно 12 од тимските 19) им одзема било каква шанса, или подобро кажано, помисла за некој поволен резултат во Мостар. 

 

Најново во Кошарка