КАКО ШТО ИНФОРМИРА КК МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ

Ниту една македонска ТВ куќа нема да пренесува АБА2 лига!

Екипата на МЗТ Скопје утре на домашен терен против словенечки Хелиос (19 часот) ја почнува приказната наречена АБА2-лига која за жал на армијата навивачи на аеродромскиот клуб, нема да биде пренесувана на некоја македонска телевизија.

објавено: 26 септември 2018 - 20:01

Досегашните информации велат дека досега ниту една наша ТВ-куќа не ги има откупено правата за директни преноси од средбите од регионалната лига, кои се во сопственост Арена Спорт, а која, пак, ќе пренесува само по еден натпревар од секое коло. МЗТ Скопје Аеродром е на програмата за пренос на оваа специјализирана спортска телевизија дури во третото коло, кога „металците" ќе му гостуваат на словенечкиот тим Приморска.

Управата на клубот во изминатиот период направи сериозни напори да обезбеди барем интернет-пренос од натпреварите кои ги игра во „Јане Сандански" и тоа на сопствен трошок, со што барем делумно би им излегле во пресрет на фановите на овој клуб, но одговорот беше негативен.

Маркетинг-агенцијата која ги има сите права за АБА и за АБА2-лигата засега не дозволува стримување на натпреварите, но постои надеж дека нивното мислење наскоро би можело да биде променето.

„Но, немањето телевизиски и интернет преноси би требало да биде дополнителен мотив за сите навивачи, симпатизери, но и на останатите кошаркарски вљубеници да се појават на трибините во спортскиот центар во Аеродром, почнувајќи од утрешната пресметка со Хелиос. За нив тоа би бил единствен начин, барем засега, во живо да се види настапот на избраниците на тренерот Ѓорѓи Кочов, а за нас, пак, нивното присуство и помош би биле ептен драгоцени во обидот да се вратиме онаму каде што и ни е местото – во елитната АБА-лига", информираат од кошаркарскиот клуб на МЗТ Скопје Аеродром.

Најново во Кошарка