НА ПРВИТЕ ДВА, МЕЧА МЗТ СКОПЈЕ ПРИМИ ДУРИ 189 ПОЕНИ

Одбраната како најголем проблем

Екипата на МЗТ Скопје Аеродром по бројот на примени поени, е на дното, заедно со Игокеа и Петрол Олимпија, кои истотака примија дури по 189 поени во двете досегашни средби од АБА лигата.

објавено: 7 октомври 2017 - 13:15

Дефанзивата дефинитивно е проблем на македонскиот првак на стартот на сезонава, а нападот иако дава по 82 поени во просек, сепак е меѓу најслабите во лигата.

Воведните две кола покажуваат голема изедначеност во лигата, освен Цедевита и Црвена Звезда кои веднаш се издвоија на врвот, и се единствени со две победи, останатите ќе водат голема изедначена битка во која многу важна може да биде и кош-разликата, и кош-количникот во меѓусебните дуели со ривалите.
Порази од 28 поени разлика како оној од ФМП, за МЗТ се недозволиви, бидејќи секој поен е битен во битката за опстанок или што подобра позиција во средината на табелата.

Аеродромци се единствениот тим во лигата кој засега има примено 100 поени на еден меч.
Со минус од 25 поени по првите две кола, МЗТ ја има најслабата кош-разлика во јадранската лига. Само уште „фенерџијата" Задар има двоцифрен минус. Задраните се следниот противник на МЗТ, „штрковите" в понеделник го пречекуваат хрватскиот тим и едноставно мора да го совладаат, ако не сакаат уште во почетната фаза од сезоната да стравуваат за опстанокот.
Првите две кола во АБА донесоа екстремно ефикасна кошарка, слична на онаа во кинеската лига каде одбраните како и да не постојат. МЗТ има 164 поени, а поефикасен е само од два тима, од Задар и Морнар.
Во второто коло, само МЗТ и Задар постигнаа помалку од 80 поени, а одбраните не функционираа добро ниту во првата рунда. Тогаш, само Цедевита, Морнар и ФМП не успеаја да ја надминат границата од 80 поени.

 

Најново во Кошарка