ЦЕНТАРОТ ЌЕ ДЕБИТИРА ПРОТИВ МЕТАЛАЦ

Официјално: Урош Луковиќ до крајот на сезоната во дресот на МЗТ Скопје!

Доскорешниот кошаркар на Куманово, Србинот Урош Луковиќ, и официјално е нов член на МЗТ Скопје, откако финишираа сите детали околу неговото потпишување на договорот со шампионот, што веќе извесен период беше во завршна фаза.

објавено: 15 декември 2015 - 16:04

Сагата заврши откако високиот центар во текот на денешниот ден, конечно, ја доби исписницата од сино-белиот табор, нешто што му беше ветено уште пред десетина дена. Неколку други екипи беа заинтересирани за Луковиќ, кој со настапите во македонскиот шампионат го доби прекарот „Мистер дабл-дабл“, но тој се реши да остане во добро позната средина и тоа во друштво на својот брат Марко, кој сезонава повеќе од успешно го носи дресот на „металците“.

Со ангажманот на српскиот интернационалец, аеродромци ја зголемуваат конкуренцијата во играта под кошевите, особено на центарската позиција каде што досега товарот го носеа Душко Буниќ и Љубомир Младеновски. Доведувањето на Луковиќ, сепак, не значи дека некој друг ќе замине, барем не до крајот на првенството во АБА-лигата, без разлика на „пробивање“ на квотата за бројот на странци во домашниот шампионат.

Управата на МЗТ Скопје веќе ги поднела потребните документи за регистрација на новото засилување за настап во регионалното натпреварување, поради што со сигурност може да се каже дека неговото деби ќе се случи веќе в сабота на мечот против Металац во Ваљаво. Сино-белите, пак, вечерва ќе го одработат заостанатитот натпревар од 8. коло од првата лига и тоа како гости против Струмица (18 часот).

И.К.

Најново во Кошарка