ДРАГАН НИКОЛИЌ НЕ ЗАБОРАВИ НА СВОЈОТ СТАР ДРУГАР

Оваа победа е за Слаѓан Стојковиќ

„Манекените не ги добиваат натпреварите. А од друга страна пак, не паметам кога во мојата екипа дури девет играчи се запишале во листата на стрелците. Оваа победа му ја посветувам на Слаѓан Стојковиќ"- во свој стил го затвори дуелот со Унион Олимпија српскиот стратег.

објавено: 30 јануари 2017 - 11:35

Голема, огромна победа остварија кошаркарите на Карпош Соколи на гостувањето во Љубљана. Онаа од (97:92) против Унион Олимпија, се води и како историска за клубот од Карпош затоа што е првата која е реализирана на гостински терен.
И доаѓа во вистински момент кога тимот се бори да избега од оние последни позиции на табелата кои не даваат право некој од нив и догодина да биде во истото друштво наречено АБА јадранска лигата.


Затоа, и со право, првиот тренер на Карпош Соколи, Драган Николиќ беше задоволен од овие 40. минути прикажани во „Стожице".

„Пред оваа година, работев како стручен коментатор на телевизија, па затоа сакам да кажам една интересна работа, Поставив наградно прашање, кој е тој клуб од просторите на поранешната држава кој важи за најтрофеен. Искрено имаше и доста погрешни одговори, а вие знаете кој е тој - вашата Олимпија. Унион Олимпија беше и остана голем клуб, и сите добро знаете што Унион Олимпија дала за кошарката во овој регион"- го започна својот мини говор Николиќ на прес-конференција на која се осврна и на играта.

„На последните две гостувања не се покажавме како добри. И пред овој меч на момците им реков дека не треба да бидеме толку фини и да се однесуваме убаво на гостински терен, туку дека треба да го дадеме сиот свој максимум. Знаете манекените не ги добиваат натпреварите. Мислам дека мечот беше убав за гледачите. Оливер одигра одлично, а на друга страна пак, не паметам кога во мојата екипа дури девет играчи се запишале во листата на стрелците. На Унион Олимпија и посакувам се најдобро. Сакам публиката да им се врати во салата затоа што тоа и го заслужуваат, исто како што и колегата Окорн работи одлично со неговите играчи. Оваа победа му ја посветувам на Слаѓан Стојковиќ"- дополни Николиќ по овој толку посакуван успех по кој Карпош Соколи е многу, многу блиску до реализација на првичната цел - опстанокот во АБА лигата.

На шест кола до истекот на регуларниот дел ефектот од 8. победи и 12. порази ги постави „соколите" на делба на осмата позиција (заедно со ФМП). А во нив, согласно со календарот, тимот од Карпош го чека не баш идеален распоред.
Токму во наредното коло во Скопје гостуваат популарните „лименки" од Белград. Една недела подоцна следува гостување во Подгорица против Будуќност. На 21 февруари во „Борис Трајковски" ќе дојде и најдобрата екипа во АБА лигата, Црвена Звезда. Во 24 круг пред нив во Загреб ќе се исправи силната Цедевита, па „зицерот" со Задар во Скопје, додека сезоната за „соколите" се затвора на 13. март, во Белград, против Мега Лекс.

Најново во Кошарка