НЕ ГО ДАВААТ „ФЕНЕРОТ", НИКАКО, ЌЕ СИ ОСТАНАТ ПОСЛЕДНИ

Потонаа сите бродови на МЗТ Скопје... (ВИДЕО)

Дебаклот на гостувањето во Сремска Митровица (106:77),  „објави" дека овој состав кој го има македонскиот шампион не е конкурентен за место во АБА лигата.

објавено: 30 јануари 2018 - 21:41

Во својот седми „излез" кон Јадранот, зад екипата на МЗТ Скопје е најлошото издание. И иако до крајот на оваа сезона има уште четири кола за доигрување, по поразителната игра, срамна за еден шампион, јасно е дека МЗТ Скопје останува последен, дури и во една скратена верзија на АБА јадранската лига – дванаесетти!

Без оглед на тоа што кон Сремска Митровица и дуелот со Мега бемакс тргнаа ослабени со неиграњето на Дарко Соколов и на Марко Симоновски, тоа не е ниту пак смее да биде оправдување за прикажаното во овие 40. минути.
Наместо борба за секоја топка, МЗТ Скопје покажа комплетна инфериорност.

Пред се недостиг за натпреварување, што е и најсериозниот проблем со кој сега јасно е, не може да се справи ниту искусен тренер како Жељко Лукајиќ, а подобрување пак никако не донесоа и играчите кои влегоа „од втора" во сезоната за заборав, дефинитивно...


А резултатот на овој меч од 18. коло на Лигата на Јадранот, кажува се...

Мега Бемакс – МЗТ Скопје 106:77 (30-16; 30-19; 21-24; 25-18)

Вистинска бламажа на МЗТ Скопје во салата „Пинки"...
Што да се каже кога натпревар од типот „да се биде или не", после 14 минути од играта во салата „Пинки" резултатот гласеше (43:19) во корист на противникот на нашиот првак?!
Мега Бемакс ги „изгази" популарните „металци".
Со ваква игра, реално, МЗТ Скопје и не заслужи да биде место над она кое го држи па скоро од почетокот на ова издание на АБА лигата.

Како „сино-белите" да отидоа на една прошетка до Сремска Митровица, однапред со двете раце подигнати во вис, во знак на немоќ!
Тие -24, беа само како некоја најава за кошмарот кој следуваше до полувремето, до оној голем одмор од 15 минути, кој беше добредојден за грогираните гости. Затоа што во минутите кои следуваа до него, Мега Бемакс имаше и (60:31).

Гонгот кој го означи крајот на 20. минути игра беше спас за четата на Жељко Лукајиќ.
Но се чини дека вечни беа оние наредните, откако се вратија од соблекувалната.
Малку од тоа што домаќините го олабавија ритмот, а доста повеќе поради бегањето од срамот, во продолжението, кошаркарите од Аеродром беа „рамноправни", макар и резултатски. Ја држеа негативата, „тука-некаде", околу „триесетката"...

Овој меч, и дефинитивно, ќе му остане во непријатно сеќавање и на Радослав Спасојевиќ, кој пред да почне играта, доби пригоден подарок од страна на раководството на Мега Бемакс, како нивни поранешен играч.

Кај победникот играше, но само малку, две минути, и Предраг Самарџиски. Но и неговиот ефект беше идентичен на оној на МЗТ Скопје - нула!

На четири кола до крајот на лигашкиот дел во АБА лигата, МЗТ Скопје остана на прескромниот ефект (3-15), а конкуренцијата, покрај Мега, тука се и Петрол Олимпија односно Цибона, им побегна на три чекори (6-12), практично недостижни во четири кола.

 

Најново во Кошарка