ПРОДОЛЖУВААТ АБА ПРЕДИЗВИЦИТЕ ЗА ОХРИЃАНИ

Прва станица во 2018 година – Чачак!

Во вечерашниот дуел со Борац, кошаркарите на АВ Охрид одново во променет состав, ќе се обидат да заборават на се што им се случуваше во претходната година, барем во овој „јадрански дел".

објавено: 4 јануари 2018 - 16:30

Со Мартин Јунаковиќ на плејмејкерската, а без „дваесет и кусур поени" од Реми Бери, тргнуваат кошаркарите на АВ Охрид во новата 2018 година, односно оние јадрански предизвици.

Паузата во регионалното натпреварување охридскиот клуб реши да ја искористи за нова промена во актуелниот ростер. На местото на недисциплинираниот француски интернационалец, ангажиран е Хрватот Мартин Јунаковиќ, за кого вечерашниот дуел во Чачак, пртив фаворитот Борац (од 19.часот), ќе биде и официјално деби за него.
Тренерот на АВ Охрид, Петар Чочороски не сака да се враќа во минатото, туку гледа само напред.

„Почнуваме од почеток, и не се навраќаме на оние десет порази од првата полусезона. Секој меч за нас е нова приказна и така пристапуваме иако имаме лош скор на табелата. Одиме да се надигруваме, и да акумулираме што повеќе искуство кое очигледно ни е потребно во тесните натпревари" - вели Чочороски пред првиот официјален меч во новата календарска година.

Кенет Рос пак смета дека многу е важно добро да се отвори мечот во Чачак.

„Најпрво треба да се фокусираме на првата четвртина која ни е најпроблематична во натпреварите од АБА лигата. Речиси сите мечеви ги губиме после една лоша четвртина, а во поголем дел тоа е првата.Затоа треба да го започнеме натпреварот фокусирано, и да не дозволиме домаќинот брзо да се одлепи"- смета Американецот.

 

Најново во Кошарка