ПОВЕЌЕ ОД 20 КЛУБОВИ ЗАИНТЕРЕСИРAНИ ЗА АБА ЛИГА-2

Работнички по „заобиколниот" пат до Јадранот?

На листата на кандидати се наоѓаат и доста познати клубови. Меѓу нив освен клубот од „Градски парк", интерес покажале и Сплит, Шибенка, Борац од Чачак, Динамик, Сутјеска Никшиќ, сараевска Ројал Босна, Широки, Слобода од Тузла.

објавено: 18 јуни 2017 - 17:15

Идејата за основање на кошаркарска АБА лига – два, предизвика големо интересирање скоро па кај сите клубови од просторите на поранешната држава. Јасно и поради што. ако се знае дека добар дел од нив гледаат шанса за исчекор понапред во однос на она сивило во кое функционираат во лигите во кои се натпреваруваат.

Плановите, барем оние првичните, велат дека втората АБА лига би требало да биде основана според „базата", односно АБА лигата, и да брои 12 клубови учесници. Но уште сега е јасно дека сите заинтересирани клубови нема да можат да настапат веќе од оваа есен.

„Огромен е бројот од сите клубови од републиките на поранешна Југослаија кои сакаат да станат членови на премиерното издание на втората АБА лига. Засега имаме повеќе од 20 заинтересирани екипи, па ќе мора да направиме селекција. Ќе одредиме критериум според кој ќе одбереме екипи, и тука ќе бидат разгледувани резултатите од претходните години, секако, и традицијата на клубовите"- потврдува првиот потпретседател на АБА лигата, Игор Додик.

Дали сето тоа ќе биде така, односно дали ќе има конечна одлука за покренување на новото натпреварување на овие простори, согласно со тоа и календарот, пропозициите и бројот како и учесниците, би требало да се знае на претстојната седница на Собранието на АБА лиата најавена во текот на јули.
Планирано е секоја држава да добие по два претставника.


Додик не крие дека на таа листа се наоѓаат и доста познати клубови. Меѓу нив е и нашиот, скопски Работнички, кому друштво би му правеле и Сплит, Шибенка, Борац од Чачак, Динамик, Сутјеска Никшиќ, сараевска Ројал Босна, Широки, Слобода од Тузла.
Според најавите, раководството на АБА лигата би ги покрило трошоците за официјалните лица, како и за сместувањето, а дополнително, се бараат и други спонзори.
Согласно со тоа, настапите во второто по ранг натпреварување. на овие простори, на некои клубови би им било поефтино отколку да играат во домашните шампионати. Но затоа пак ќе биде баран и многу поголем квалитет отколку што е случајот сега.

 

Најново во Кошарка