„Соколите" добиваат потенцијален НБА центар

Ричардс ќе го затвора рекетот

Овој 25-годишен играч, висок 211 сантиметри и тежок 120 килограми, во македонскиот тим доаѓа од Ал Ахли од Бахреин, а последен европски клуб му бил унгарски Керменд во сезоната 2014/2015.

објавено: 20 октомври 2016 - 09:15

Британецот Рајан Ричардс е засилувањето кое тимот на Карпош Соколи ќе го ангажира на центарската позиција. Овој 25-годишен играч висок 211 сантиметри и тежок 120 килограми, во македонскиот тим доаѓа од Ал Ахли од Бахреин, а последен европски клуб му бил унгарски Керменд во сезоната 2014/2015.

Во 2010 година бил драфтуван во НБА како 49-ти пик од Сан Антонио спарс, но не заигра во најсилната лига на светот, туку се рехабилитираше од две повреди на рамото. Целта му е во 2018 година, или нешто порано, да заигра во НБА.

Иако е релативно млад, Ричардс во својата досегашна кариера има сменето многу клубови во странство. Почна како 18-годишен во белгиски Монс, а најдобрите игри во Европа ги прикажа во унгарската лига пред две сезони.

По заминувањето од Унгарија, Британецот за една година смени неколку клуба. Прво потпиша за иранскиот клуб Азад од Техеран, па за кинески Гуангкси ринос, се врати во Иран, но во Шардари Горган каде ја одигра минатата сезона со просек од 20,9 поени, 9 скока, но и 4,4 загубени топки по меч. Тројките ги погодуваше со 26 проценти успешност.
Не заврши таму со преселбите туку го носеше дресот уште на Сагесе во Либан (15,8 поени и 7,3 скока на шест меча, со 18,4 отсто реализација на тројките и 3,7 загубени топки) и пред да дојде во Македонија, на Ал Ахли за кој потпиша во мај. Трофеј има освоено само во Австрија и тоа во 2013 година кога со Цептер Виена беше првак на таа средно-европска земја.
Пред неполн месец, Ричардс три дена минал на тренинг камп во Спарс, но од клубот го информираа дека не сметаат на него со што ги загубија правата врз него од драфтот, па сега тој е слободен во иднина да оди на проба и во други клубови од НБА.

Најново во Кошарка