АЛЕКСАНДАР ТОДОРОВ ПРЕД ПОЧЕТОКОТ НА НОВАТА СЕЗОНА

Сакаме на секој натпревар да имаме четири-пет 'двоцифрени' играчи

„Товарот на поените би требало да падне на пет-шест играчи, наместо да имаме еден или двајца кои уфрлаат дваесет и повеќе поени. Сакаме на секој натпревар да имаме четири-пет 'двоцифрени' играчи".

објавено: 29 септември 2017 - 15:20

Со дуелот против белградски Партизан, закажан за 20. часот, вечерва кошаркарите на МЗТ Скопје стартуваат уште едно поглавје во она што се нарекува АБА Јадранската лига.

Како што вели и предводникот на овој доста изменент тим, Александар Тодоров, со доста изменета концепција во однос на минатото.


Какви се амбициите на МЗТ Скопје во новата сезона од АБА лигата?

„Основната цел е да имаме подобра сезона во однос на онаа ланската (скор 8-18), а потоа сакаме следната година да играме во Супер купот, т.е. да бидеме меѓу осумте најдобри на табелата“.

Која е најголемата сила на МЗТ Скопје пред почетокот на новото издание на Лигата на Јадранот?

„Екипата ја конципиравме на таков начин да немаме водечки играч. Екипата ни е главниот адут. Играме со помал број на странци – првобитниот план бeше да играме со тројца странци. Но поради некои повреди на домашните играчи-репрезентативци, го донесовме Бејли на краткорочен договор. Значи, идејата ни е странците да бидат само на оние позиции на кои сме дефицитарни, односно 'еден' и 'пет', и после неколку години главниот товар во играта да падне на домашните играчи.
Нашиот основен принцип е агресивна одбрана која би требало да резултира со лесни поени од контра и секундарен контранапад. Товарот на поените би требало да падне на пет-шест играчи, наместо да имаме еден или двајца кои уфрлаат дваесет и повеќе поени. Сакаме на секој натпревар да имаме четири-пет 'двоцифрени' играчи".

Кои се најголемите конкуренти за титулата, а кој ќе се бори за опстанок во оваа конкуренција?

„Се знае, Црвена Звезда е број 1, Цедевита е број 2 – прво поради играчите кои играат во нивните тимови, како и поради тоа што ќе играат во силни натпреварувања. Нивната природна амбиција секако е титулата. А како фаворит од сенка ја гледам екипата на Будуќност.
Сите останати сме во другата група, некој нешто појак, некој нешто послаб. Ќе биде голема борба помеѓу тие тимови за тоа последно место кое води во плеј-офот.
Тешко е да се прогнозира кој ќе се бори за опстанок, се надевам дека ние нема да бидеме во таа група. Сезоната е долга, ќе видиме кои клубови финансиски ќе го издржат сето тоа. Има тимови кои сезоната ја почнуваат со добри буџети, а потоа да имаат проблеми".

Втора АБА лига, дали има иднина?

„Втората АБА лига е одлична идеја. Посебно што таков систем на натпреварување многу недостасуваше. Постои проблем со патувањата, повеќето од клубовите ќе патуваат со автобус, и физички ќе биде понапорно. Но, подобро е да се играат натпревари, па дури и по цена на поголема физичка потрошеност, отколку да се седи дома, и да се игра само во домашното првенство".

Најново во Кошарка