ДЕТАЛИТЕ ЗА НОВОТО НАТПРЕВАРУВАЊЕ МОШНЕ БРЗО НА ДНЕВЕН РЕД

Се „крчка“ втората АБА, но без македонски „мирудии“?

Големо прашање е дали во овој момент некој од нашите клубови се расположени да играат на два или на три фронта, со оглед на тоа дека мора да бидат дел од домашното првенство, а ннекои од нив  пријавија и за натпреварите во ФИБА

објавено: 2 јули 2017 - 15:25

Скопските клубови Карпош соколи и Работнички се фаворити да бидат македонски претставници во втората АБА лига која се најавува за следната сезона. Но големо прашање е дали се расположени да играат на три фронта, со оглед на тоа дека мора да бидат дел од домашното првенство, а се пријавија и за ФИБА Европа купот.
„Соколите" во втората половина од минатата сезона во АБА лигата го обелија образот на македонската клупска кошарка и сега сигурно би биле со задоволство примени во втората јадранска лига, но календарот ќе им биде премногу згуснат.

Оваа сезона тимот кој е вицепрвак на Македонија, ќе мора за викенди да игра и домашна лига, а преку недела ќе игра и еврокупови, без разлика дали во Лигата на шампиони или ФИБА Европа купот. Втората АБА лига ќе се игра во работни денови и тоа е сериозна пречка за Карпош Соколи.
Следни на листата за чекање од Македонија би биле Работнички и Куманово како полуфиналисти на плејофот од минатата сезона.

Најтрофејниот македонски клуб исто така пројави амбиција да игра во ФИБА Европа купот и ако влезе во групната фаза, речиси невозможно ќе биде да се појави во регионалната лига.
Многу работи ќе се расчистат деновиве, а одлуките околу новото натпреварување треба да се донесат на Собранието на АБА лигата на 10 јули во Загреб.

Тој состанок ќе биде клучен за судбината на лигата за која постои интерес кај голем број клубови кои не се дел од главната АБА лига. Откако ќе се донесе одлука за формирање на таа втора јадранска лига, ќе се пристапи кон избор на клубови.

И таа втора АБА најверојатно ќе има 12 тима, исто како првата.

Најново во Кошарка