ВЕЧЕРВА ЗАВРШУВА ПРЕОДНИОТ РОК ВО АБА ЛИГАТА

За крај: Ќе има ли нешто ново во Аеродром?

„Металците" на пријавната листа за сезонава веќе имаат запишано 19 играчи, и може да ангажираат само уште еден кошаркар за настап во јадранската лига од која останаа уште шест кола.

објавено: 19 јануари 2018 - 11:20

Потрагата на МЗТ Скопје Аеродром по квалитетен плејмејкер може да резултира со потпишување на договор во текот на денешниот ден, бидејќи вечерва пред полноќ, завршува преодниот рок во АБА лигата.

„Металците" на пријавната листа за сезонава веќе имаат запишано 19 играчи, и може да ангажираат само уште еден кошаркар за настап во јадранската лига од која останаа уште шест кола.
Доколку МЗТ во текот на денов купи нов играч на плејмејкерската позиција, тогаш тој нов играч ќе има право да дебитира уште в понеделник, на пресметката во „Јане Сандански" со силната Црвена Звезда.

Ако до вечер не земат принова, до крајот на сезонава во АБА, ќе мора да играат само со еден вистински плеј, Доминик Мавра, на кој во организацијата на нападите ќе му помагаат бековите Дарко Соколов и Дамјан Стојановски.
Трката на МЗТ со времето може да биде загубена, но тренерот Жељко Лукајиќ, во договор со извршниот директор Тони Грнчаров, во неколку наврати повтори дека клубот нема да брза со носење на нов играч. Не е тајна дека бараат плејмејкер, но сакаат да изберат внимателно, и тој играч да биде вистинско засилување, а не само пополнување на празниот простор. Шансите за опстанок во АБА се минимални, но на тимот допрва му претстојат најважните битки од домашното првенство и Купот, каде имаат амбиција да ги нападнат трофеите, па плејмејкерот ќе им треба и за тие битки. За македонското првенство, играчи може да се носат до 30 март, но за еден месец се игра завршницата од Купот, па сигурно нема да се чека крајот на преодниот рок за да се освежи составот.

Најново во Кошарка