ДОСЕГА НЕОТКРИЕН ФАКТ

Ацо Петровиќ за смртта на својот брат: Ако Дражен ги послушаше лекарите, денес ќе беше жив

Селекторот на хрватската репрезентација се присетува на таа кобна 1993 година, кога неговиот помал брат загина во сообраќајна несреќа

објавено: 22 август 2017 - 09:00

Иако поминаа речиси две и пол децении од смртта на еден од најдобрите кошаркари во светот, Дражен Петровиќ, тоа е играч кој нема да се заборави. Братот на Дражен, Ацо Петровиќ, кој сега е селектор на хрватската репрезентација се присетува на тоа како судбината си поигра со неговиот помал брат. 

На кобниот ден, 7 јуни 1993 година, Дражен се враќаше со репрезентацијата од Полска, каде Хрватска играше квалификациски меч. На аеродромот во Франкфурт одлучи да се оддели од репрезентативниот табор и со автомобил да тргне кон Минхен, заедно со неговата тогашна девојка. Останатите кошаркари со авион си заминаа кон Загреб. 

Дражен Петровиќ загина неколку часа подоцна во сообраќајна несреќа, блуску до градот Инголштат. Ацо Петровиќ сега откри еден интересен детал од тоа време.

„Малку луѓе знаат дека Дражен во таа 1993 година на подготовките пристигна со незгодна повреда. Имаше повреда на лигаментите на коленото и лекарите му рекоа дека треба да мирува и да оди на рехабилитација. Сепак, тој не сакаше да слушне за такво нешто. Доколку тогаш ги послушаше и не отидеше со репрезентацијата, тој сега ќе беше жив“, открива актуелниот селектор на хрватската репрезентација, Ацо Петровиќ. 

Најново во Кошарка