ВИКЕНДОВ, ВО САМОКОВ, ЗАВРШЕН ТУРНИР ВО РЕГИОНАЛНАТА ЛИГА

Блокотехна сака на врвот на Балканот

Иако е дебитант во ова натпреварување, гевгелиска Блокотехна е со реална шанса да го освои шампионскиот трофеј во регионалната Балканска лига, и доколку успее, ќе стане првиот македонски клуб по Фени индустри од 2011 година, кој станал првак на БИБЛ.

објавено: 14 април 2018 - 12:30

Задачата не е лесна, во малото бугарско гратче ќе треба да се елиминира софиски Левски Лукоил чиј помошник тренер е Александар Тодоров, а потоа и во финалето веројатно ќе имаат бугарски противник и тоа домашниот Рилски Спортист.

Одлуката десеттата сезона да финишира со фајнал-фор во Самоков како и во првата сезона, му оди во прилог на Рилски кој беше прв по регуларниот дел. „Рилецот" ја освои титулата во својата сала во 2009 година, а и сега е фаворит. Но, свои сметки си имаат и Блокотехна и Левски.
Гевгеличани на своја страна го имаат тренерот Марјан Илиевски, кој во 2015 година со Сигал Приштина ја освои БИБЛ и со победа во финалето над Рилски спортист.
Тогаш финалето се играше во два меча, а Блокотехна има право на оптимизам, бидејќи сезонава успеа, и тоа убедливо да го порази Рилски во неговата сала. Сепак, за да се дојде до финале со Рилски, Блокотехна прво мора да го елиминира опасниот Левски.

„Во текот на сезонава, покажавме дека сме тим кој дава максимум на секој натпревар. Дури и со хендикепот кој го имаме со пократката ротација, и сериозните измени кои во своите состави ги направија нашите противници, ние имаме само една цел, со максимален ангажман да ги добиеме двата натпревари против екипи кои веќе ги победувавме сезонава. За разлика од противникот, ние во средата имавме меч од домашното првенство, и за среќа никој не се повреди, па комплетни заминуваме за Самоков. Блокотехна е дебитант и самиот пласман на финалниот турнир за нас е успех. Сезонава во БИБЛ е успешна за нас, сега имаме прилика само уште повеќе да ја украсиме. Играчите добија простор и шанса да ги покажат своите квалитети, имаа мечеви на кои можеа да напредуваат и да стекнат интернацијално искуство" - вели тренерот Илиевски.

„Сините" од Софија веднаш после Нова година го засилија тимот, донесоа моќен спонзор, и во последно време почнаа да играат добро. Полни се со самодоверба, но тоа што мечот се игра во нивната земја и не е преголема предност, бидејќи публиката во Самоков не ги сака многу и честопати навива за странците како на фајнал-форот кога Левски во финалето се сретна со израелски Хапоел Галил.

„Откако загубивме во финалето на Купот од Рилски, успеавме да ја подобриме хемијата во екипата и да бележиме подобри резултати. Не знам дали ќе успееме да го победиме Рилски, кој сега е во еуфорија, но прво треба да мислиме на полуфиналето. Блокотехна имаше одлична сезона, во јануари убедливо нè надигра. Наша цел е да го освоиме трофејот" - рече тренерот Тити Папазов.

ФИНАЛЕН ТУРНИР БИБЛ ЛИГАТА

ПОЛУФИНАЛЕ

ДЕНЕСКА:
14.00: Блокотехна – Левски Лукоил
17.30: Рилски спортист – Башкими
НЕДЕЛА:
14.00: Натпревар за трето место
17.00: Финале

Најново во Кошарка