КУMАНОВО „ИЗВАДИ" ПРОДОЛЖЕНИЕ, НО ЗАГУБИ ОД АКАДЕМИК БУЛТЕКС

Кога дебитантот ќе го победи балканскиот финалист...

И со очајно слаба игра кумановци стигнаа до продолжение од пет минути. Но се остана само на тоа... Академик Бултекс 99 стигна до триумф (90:86)

објавено: 25 октомври 2017 - 21:05

Загубија во Софија, кризата ја продолжија и дома, во Куманово. Кошаркарите на Куманово не се „свестија" по лошиот старт, и забележија уште еден негативен резултат во БИБЛ лигата.

Подобар од нив беше уште едeн бугарски претставник, згора на тоа дебитант во оваа балканска конлуренција/
Навистина, и со очајно слаба игра кумановци стигнаа до продолжение од пет минути. Но се остана само на тоа...
Куманово – Академик Бултекс 99 86:90 (20-21; 22-24; 21-24; 16-10; 7-11)
Многу лошо почнаа кумановци. Им дозволија на гостите од Пловдив за само 2:26 минути да
поведат со (10:0). Но, навистина, исто така брзо се вратија избраниците на тренерот Игор Михајловски. До крајот на првата четвртина фатија резултатски приклучок.
Во шест минути Караџовски и Јанески, со помош на Раме и Миљковиќ, ја анулираа таа почетна негатива, (18:19).
Така беше и на крајот на првите десет минути, (20:21).
Без некои особени промени протекнаа наредните. Куманово беше во некое постојано „бркање", но никако „сино-белите" не успеваа да ја стигнаат таа „здодевна" предност на противникот.
На полувремето домаќините беа во негатива од три поени (42:45).

Истата приказна продолжи и во вториот дел од играта во скоро празната сала во Куманово.
Практично победникот се одлучуваше во последната минута од играта.
Но не беше решен во регуларниот дел...
На нецели 20. секунди до крајот, при негатива (77:79), Куманово го потроши тајм-аутот. Тренерот Михајловски му ја „даде" топката на Караџовски, а некогашниот репрезентативец направи добар „влез", и донесе нерешен скор (79:79).
По гостинската минута одмор, кумановци се одбранија. Но обидот на Караџовски преку целиот терен, не донесе триумф туку продолжение од пет минути.
Во него кумановци комплетно застанаа. За три минути игра, само Јанески реализираше два поени и тоа од линијата за слободни флања. Гостите од Бугарија шест, за водство од (85:81).
Откако Караџовски од истата позиција не ги погоди „пеналите", казни Ваклинов, и постави недостижни (87:81) за дебитантот против актуелниот финалист во БИБЛ .
Изненадувачки, во секој случај!

Најново во Кошарка