ПРОТИВ БЕРОЕ ПРЕКИНАТА ЦРНАТА СЕРИЈА

Кожув го смени тренерот и почна да победува: Балканско сефте за гевгеличани!

Речиси невројатната игра во вториот период, во кој остварија фантастична позитива од 24 поени (35-11), беше клучната причина за триумфот на Кожув во вечерашната пресметка против бугарски Берое (90-81), во меч од првата фаза од Балканската лига.

објавено: 10 ноември 2015 - 20:41

За гевгеличани ова е прв триумф сезонава во БИБЛ-лигата, откако загубија во првите два меча и тоа од Морнар дома и на гости против Сигал Приштина. Ова, воедно беше втора победа во низа на новиот тренер, Иле Ефтимов, кој го наследи Боби Митев. Претходно, тој го одведе својот тим до триумф против Бест во домашниот шампионат.

Србинот Алексеј Нешовиќ беше најдобриот поединец кај Кожув со 23 поени , четири скока и седум асистенции додека одлична партија прикажа и Американецот Брендон Пен со 18 поени и девет скока. Александар Штерјов реализира 14 додека Горан Главчев беше стрелец на 10 поени.

Со овој триумф, екипата од Гевгелија се искачи на третата позиција на табелата во групата А, со што воедно си ги зголеми шансите за пласман во следниот круг. Следниот меч за Кожув во ова натпреварување е на 24 ноември, кога ќе му гостуваат на Морнар во Бар.

Најново во Кошарка