што се случуваше на сп 1990 година во аргентина

Човекот што ги скара Дивац и Дражен, ја откри вистината

„Јас го носев знамето, а на натпреварот не навивав ниту за Југославија ниту за СССР. Навивав за Хрватите во југословенскиот тим, Дражен, Кукоч, Чутура, а мислев дека и Дивац е Хрват“, рече Томас Шакиќ, кој е Аргентинец со хрватско потекло

објавено: 12 декември 2017 - 14:30

Моментот кога кошаркарската репрезентација на Југославија покажа дека го има најдобриот тим во светот во 1990 година, беше и момент кога се случи крајот на едно големо пријателство. На Мундијалот во Аргентина, Југославија во финалето го победи СССР а веднаш по завршување на средбата, еден навивач влета на теренот со хрватско знаме.

Дивац му го одзема знамето, а тој потег подоцна беше причина да се стави крај на пријателството на двете легенди, Владе и Дражен Петровиќ. Тој потег како и да го најави она што се случуваше подоцна и војната меѓу Србите и Хрватите.

Оттогаш поминаа 27 години, а идентитетот на човекот кој со хрватското знаме влезе на теренот во салата во Буенос Аирес, до пред некое време не беше познат. Тоа е Томас Шакиќ, кој сега има 68 години и живее во родната Аргентина.

„Јас сум Аргентинец, а не Хрват. Татко ми е Хрват. Роден сум во Росарио. Имам хрватско потекло, но следната година, на СП во фудбал ќе навивам за Аргентина", вели Шакиќ, кого многумина го нарекуваа хрватски националист, бидејќи Југославија уште не беше распадната кога тој мавташе со шаховницата.
„Јас го носев знамето, а на натпреварот не навивав ниту за Југославија ниту за СССР. Навивав за Хрватите во југословенскиот тим, Дражен, Кукоч, Чутура, а мислев дека и Дивац е Хрват. Дури кога ми го зеде знамето, сфатив дека е Србин. Тој не го газеше знамето, ниту го плукна, но самото одземање од моите раце беше акт на непочитување. Во моето семејство, знамето на Хрватска со шаховницата, а не комунистичкото со петокраката, е симбол кој со години го чувавме. Имав акредитација на фоторепортер, работев за локален весник и кога ми го зеде Дивац, почнав да трчам, но тешко ми беше, бидејќи имав торба на грбот. Дражен стоеше настрана, не стори ништо, но подоцна сè му кажа на Дивац. Не ми беше намерата да направам проблем", вели Шакиќ, кој тогаш имаше 41 година и беше доживуван како херој во хрватската дијаспора.
„Ми се јавуваа луѓе од Австрија, од Јужна Америка, од секаде. Го виделе знамето што не смееја да го покажат од 1945 година", додава Шакиќ.

За растуреното пријателство меѓу Дивац и Петровиќ кои подоцна играа и во НБА-лигата, се сними и документарниот филм „Некогаш браќа". Дивац рече дека конфликтот со човекот со хрватското знаме бил поради тоа што триумфот бил на Југославија и требало да се виори само југословенското знаме и ниту едно друго. На Дивац не му беше дозволено да влезе во Хрватска, а три години по овој настан во Аргентина, Петровиќ загина со сообраќајна несреќа.

Најново во Кошарка