ИМА ЛИ КРАЈ НА ЛУДИЛОТО: Што е следно на ред?

Ах пуста македонска кошарко, накаде одиш?

Никој не сака да се занимава со она што се вика одговорност, затоа и продолжението на вечното дерби, Работнички - МЗТ Скопје ќе се игра вечерва, но во малку поинакви околности... И колку да се одигра - мирно!

објавено: 18 март 2018 - 11:00

МЗТ Скопје нема да игра во АБА лигата во наредната година. Нема да игра ниту Работнички.

Иако двата најголеми клуба во Македонија го сакаа тоа, не го добија.
И се чини дека во едни такви „поразителни околности" и за едните, и за другите, сакале да го признаат тоа или не, дојде и дуелот, оној вечниот во кој требаше да покажат кој е подобар?
Дали Работнички може да му конкурира (по подолго време) на МЗТ Скопје, или пак обратно, дали клубот од Аеродром може да ја прекине низата на најголемиот ривал во историјата која трае цели 18. круга од првенството.
На крајот, им пресудија оние кои треба да се зад нив, ама во некои други ситуации, кога на екипата не и оди како треба – навивачите!
Реално, многу одамна, „Градски парк" веќе не е сигурно место за играње на кошарка, онаа нормалната, макар што онаа синоќа заличе на таква, барем долу, на паркетот.
Играчите беа и останаа над ситуацијата која ја креираа нивните навивачки групи.
Амбиентот, декорот, како во оние „стари" иако и понекогаш не баш добри времиња. Ако се суди барем според бројот на присутните во она што е некогашниот „храм на кошарката".
Одамна не е тоа што треба да биде во овие нови времиња, но постојано, по некое непишано правило, оние кои се грижат за регуларноста во нашата кошарка, им прогледуваат „низ прсти" токму поради тој назив, „храм на кошарката".
Како може да се опише она што личи на еден кафез, простор каде треба да дојдат навивачи на екипата гостин, па макар и бил лут ривал каков што е оној од Аеродром?
Само момент плус за иритација и на онаа „кревка ситуација" која се креира кога играат еден против друг нашите најголеми кошаркарски имиња.
Некаде помеѓу, официјалните лица, судиите, делегатот, редарите, полициските сили.
Никој не може да го сопре тоа „лудило" кое се јавува за време на играта, без оглед на тоа која екипа била подобра, го имала водството или како и да е... спортски дел...
И она малку што ни остана од оваа убава игра која и кај нас се вика кошарка, некој сака да го уништи.
Но, се некако излегува дека некој, односно никој не сакаше да ја превземе одговорноста овој доста „мирен меч" да биде доигран до крај.
Веројатно тоа најмногу го посакуваа оние за кои и се доаѓа во сала –играчите.
Ама изгледа дека никој, ама баш никој не сака да ризикува, па затоа и вечерва ќе се игра, ама во малку поинакви услови.
Оние кои не ги посакува никој – без присуство на публика, добар дел од неа дојдена во „Градски парк" да и даде нова шанса на нашата кошарка. Но не сите, оние кои беа во помал, ги победија оние кои беа во поголем број.
Зошто, е на тоа ќе треба да ги бараме одговорите во времето кое е пред нас.
Што е следно на ред?
Б. Радуловиќ

Најново во Кошарка