Македонскиот шампион доведе нов играч

Атрактивниот Африканец Диабате го засили МЗТ Скопје (ВИДЕО)

Мулуку Сулејман Диабате е новиот плејмејкер на МЗТ Скопје Аеродром. Репрезентативниот плеј на селекцијата на Брегот на слонова коска, во минатата сезона беше прв асистент во француската лига, носејќи го дресот на клубот Руен кој како претпоследен испадна од елитата и сега е второлигаш.

објавено: 4 ноември 2016 - 12:02

Репрезентативниот плеј на селекцијата на Брегот на слонова коска, Мулуку Сулејман Диабате во минатата сезона беше прв асистент во француската лига, носејќи го дресот на клубот Руен кој како претпоследен испадна од елитата и сега е второлигаш.

Откако Руен испадна, Диабате кој има и француско државјанство, го напушти клубот, и беше слободен агент. Летово тој беше на летната лига во Орландо каде настапуваше во дресот на Њујорк никс, но не доби договор од НБА лигашот.

Раководството на МЗТ контактираше со него, а финалниот договор треба да биде постигнат денеска. За да имаше право на настап утре против Унион Олимпија, Диабате мораше вчера да потпише за МЗТ, и тоа се случи. Со ангажманот на Диабате, сега „штрковите" како и „соколите" од Карпош, во составот имаат девет странци.

Во минатата сезона, Диабате имаше просек од 10,4 поени, 6,5 асистенции, 3,5 скока и 1,9 украдени топки за 32,3 минути по меч. Слободните фрлања ги погодуваше со 72,4 отсто реализација, а за тројка имаше 26,3 проценти успешност.

Новиот член на МЗТ има 29 години, висок е 182 сантиметри, но многу е скочен и често знае атрактивно да забие. Диабате има големо искуство од играње во француската лига. Од 2006 наваму, бил член на Дижон, Шорал Роан, Нанси, Гравлен Данкерк и Руен.

Со националниот тим на родната земја, Диабате прикажа одлични игри на Афробаскетот во Тунис минатата година. Таму тој имаше просек од 18,4 поени, 5,8 асистенции и 4,8 скока по натпревар, и беше играч со најголема минутажа во тимот. Во 2010 година, играше на Светското првенство во Турција.

Најново во Кошарка