ПРЕД ПОСЛЕДНОТО КОЛО, СИТУАЦИЈАТА Е ЈАСНА

АВ Охрид има суперлигашки „џек-пот"!

Охридскиот прволигаш треба да го победи Карпош Соколи, тоа ќе му биде доволно да ја „фати" позицијата 6 која води во доигрувањето за титулата... Фени Индустри мора да ја победи Блокотехна, но и да чека пораз на АВ Охрид...

објавено: 26 март 2018 - 14:45

Резултатите во претпоследното, 21. коло од првиот дел од нашата Прва лига, доста ја појаснија ситуацијата на табелата. Односно она едно отворено прашање, кој ќе биде шестиот тим кој ќе биде дел од Суперлигата?

Кандидати, до поразот на Кожув во Битола, имаше три, но сега се само два, АВ Охрид и Фени Индустри.

Пред она последно коло, шансите за да бидат дел од првата „шесторка" се многу поголеми за охриѓани. За да влезат во тоа друштво, односно да останат на местото каде се во овој момент, ќе им треба победа против осетно подмладениот состав на Карпош Соколи.
Макар тоа било на гостински терен.
Со двата бода од Скопје ќе бидат недостижни за конкуренцијата – Фени Индустри.
Дури и кавадарчани да го направат истото, против Блокотехна, на домашен паркет, за да бидат шести, ќе мора да чекаат кикс на АВ Охрид против „соколите", екипа која има подобар меѓусебен скор.
Пораз од одличниот состав од Гевгелија и дефинитивно ќе ги остави кавадарчани во Плеј аут лигата.
Теоријата вели дека со девет победи може да заврши и гевгелиски Кожув, под услов да биде подобар од Шкупи на свој терен.
Но гевгеличани ќе треба да чекаат порази и на АВ Охрид и на Фени Индустри за да се изедначат со нив на табелата (сите со скор 9-13).
Во тој случај би одлучувале оние меѓусебни натпревари на трите екипи.
И тоа не оди во прилог на Кожув, затоа што во тој случај, добитна комбинација има Фени Индустри.
Кавадарчани би излегле со кош-количник од шест поени плус во однос на другите ддве екипи, седми би бил АВ Охрид со позитива од три поени, а осми на табелата токму клубот од Гевгелија.
Б. Радуловиќ

 

Најново во Кошарка