ГОЛЕМО ЗАСИЛУВАЊЕ

Бојан Трајковски е нов играч на Карпош Соколи

Репрезентативецот се договори со челниците на клубот и треба да биде големо засилување за мечевите во АБА лигата

објавено: 2 декември 2016 - 11:17

Крилниот центар Бојан Трајковски е нов играч на Карпош Соколи. Тој денеска го официјализираше договорот со тимот кој сезонава е дебитант во АБА лигата. Соработката е за до крајот на сезоната, со опција за продолжување на уште една година. 

„Презадоволни сме што успеавме да го ангажираме Бојан Трајковски, кошаркар чии квалитети се неспорни и кој и тоа како ќе ни помогне во остварување на зацртаните цели сезонава. Драго ми е што успеавме да доведеме македонски репрезентативец, со што уште еднаш покажуваме дека наш првенствен интерес е развојот на македонската кошарка. Во Трајковски добиваме играч кој и тоа како ќе ги промени силите на теренот во домашниот шампионат и со чија помош сигурно ќе бидеме поблиску до еден од двата домашни трофеја", вели претседателот на Карпош Соколи, Огнен Дедиќ.

Трајковски до синоќа беше член на Сигал Приштина и играше во дуелот против Куманово во БИБЛ лигата, а веќе денеска ќе биде во дресот на Соколи. Дебито за новиот тим ќе го има в среда, кога во Скопје ќе гостува екипата на Трепча во БИБЛ лигата. 

Најново во Кошарка