ЦЕНТАРЦИ ГИ „ЗАГРЕВААТ“ ИГРАЧИТЕ ЗА КОНКУРЕНТИТЕ

Бојан Трајковски ги откри „тајните“ на Работнички и потпиша за – Куманово!

Најтрофејниот кошаркарски колектив кај нас, екипата на Работнички, продолжува да биде полигон за загревање на играчите кои потоа преминуваат во директните конкуренти за висок пласман, откако по трансферот на Јане Петровски во Фени индустри на идентичен чекор се одлучи и Бојан Трајковски, кој од денеска е нов член на Куманово.

објавено: 29 ноември 2015 - 16:19

Оваа вест попладнево беше потврдена од управата на кумановци преку официјалната страница на Фејсбук, а само часови откако беше официјализирано заминувањето на крилниот центар од таборот на центарци, каде што настапуваше со отворен договор. Причина за ваквиот егзодус на кошаркарите од црвено-белиот табор е лошата финансиска состојба и фактот што речиси сите расположиви сили на тренерот Марин Докузовски играат со однапред добиена исписница во џебот.

Трајковски имаше солидни понуди од странство, пред се од прволигаш од Унгарија и од косовска Сигал Приштина, како и од МЗТ Скопје и од Карпош Соколи, но на крај се реши да ја прифати поканата на кумановци. Сино-белите беа заинтересирани за Ѓорѓи Чековски, но откако тој реши да се врати во „Градски парк“ брзо најдоа заеднички јазик со актуелниот репрезентативец. Тоа ќе значи дека крилниот центар ќе биде еден од најголемите адути на Куманово и тоа во можеби директната пресметка за висок пласман со Работнички, чии „тајни“ му беа достапни за време на престојот во општина Центар.

За Куманово ова е трета поголема промена деновиве, по отпуштањето на Љубислав Луковиќ и наименувањето на неговиот помошник, Страшо Тодоровиќ, за прв тренер на екипата како и по прекинувањето на соработката со српскиот интернационалец, Вукашин Мандиќ.

Најново во Кошарка