Пред претстојното 140. дерби, Работнички со апел до фановите

Да покажеме и докажеме дека ја имаме најдобрата и најдостоинствена публика во светот!

„Ќе ги направиме сите напори, ќе го вложиме сиот труд и знаење, како и сета љубов кон нашата црвено-бела светост, за се' да помине во најдобар ред и да покажеме и докажеме дека нашите навивачи се најдобрата и најдостоинствена публика во светот“- порачуваат раководните луѓе на нашиот најтрофеен клуб пред дербито со МЗТ Скопје, закажано за недела навечер од 19.часот. 

објавено: 13 април 2018 - 16:11

Во пресрет на 140. градско дерби што ќе се одигра во недела, (од 19 часот), домаќинот на средбата, КК Работнички сака да ја информира јавноста за неки детали поврзани со организацијата на истата, посебно во оној навивачки сегмент.

„Покрај тоа што е важна победата за да ја зацврстиме првата позиција во Супер лигата и да го зголемиме позитивниот скор (45:17) во меѓусебните дуели на наш терен, важна е и како дополнителен мотив во борбата за титула. Токму во походот кон 15. трофеј, неопходна ќе ни биде поддршката на нашите навивачи, во нашиот спортски храм.
За да не се случат немили настани и одигрување на мечот пред празни трибини, (како минатиот пат), со што салата во „Градски Парк" може да биде ставена под клуч, апелираме до нашите навивачи, но и сите љубители на кошарката за фер и спортско навивање.
Нашите навивачи се нашиот шести играч и нивната поддршка е неопходна за да го донесеме шампионскиот пехар во нашата богата ризница на трофеи.
Како клуб ќе ги преземеме сите неопходни мерки за да се создадат сите услови за одигрување на градското дерби и нема да дозволиме да се направи повторно инцидент со којшто ќе загубат Работнички, кошарката и спортот, воопшто.
Ќе ги направиме сите напори, ќе го вложиме сиот труд и знаење, како и сета љубов кон нашата црвено-бела светост, за се' да помине во најдобар ред и да покажеме и докажеме дека нашите навивачи се најдобрата и најдостоинствена публика во светот.
Ги повикуваме нашите верни навивачи, сите вљубеници во кошарката, сите спортски срца кои ќе бидат в недела во салата „Градски Парк" за фер, достоинствено и спортско навивање.
Уште една причина за да имаме полни трибини и убава спортска атмосфера на скопското дерби нека биде и кампањата што ја прави КК Работнички со цел да ја подигнеме свеста во јавноста, а по немилиот настан што му се случи на нашиот играч Маркус Гинјард, сите заедно да кажеме НЕ за Дискриминација, НЕ за Расизам во спортот.
Со надеж за голема посетеност во нашиот кошаркарски храм како што доликува на едно големо градско дерби, но и со фер навивање заеднички ќе придонесеме во недела да победи кошарката"- велат луѓето од „Градски парк"

Најново во Кошарка