НАУМОСКИ ГИ ИЗБРА ПРВИТЕ СОРАБОТНИЦИ ВО НОВАТА КОШАРКАРСКА ВЛАДА

Дејан Јовановски е нов генерален секретар, Пенов и Дракуловски - потпретседатели на МКФ! (ФОТО)

објавено: 6 мај 2015 - 18:06

Поранешниот македонски репрезентативец, Дејан Јовановски, од денеска и официјално е нов генерален секретар на Македонската кошаркарска федерација (МКФ), откако неговото именување беше потврдено на денешниот конститутивен состанок на Управниот одбор (УО) со кој ќе раководи новиот претседател, Петар Наумоски.

Јовановски доаѓа на местото на Дејан Лекиќ, кој речиси осум години ја извршуваше улогата на прв оперативец во македонската кошарка и кој ќе остане на ова работно место до завршување на Европското првенство (ЕП) во септември, на кое жолто-црвените ќе играат во група во Загреб.

Станува збор за прославен кошаркар, кој кариерата ја почна во Работнички и кој има играно уште и за екипите на Никол Ферт, Ојак Рено (Турција), Лугано (Швајцарија), Перистери (Грција) како и за француските Роан и Шалон. Тој беше соиграч на Наумоски во националниот тим на Македонија, кој во 1999 година во Франција за првпат настапи на едно Европско првенство. Во својата биографија има запишано пет шампионски титули (1994, 1995, 1996, 1997 и 2006 год.) и три куп-пехари (1994, 2002 и 2006) со Работнички како и една титула во првенството на Швајцарија (2001 година) по раководство на Заре Марковски. Пред неколку години, Јовановски извесен период мина во улогата на спортски директор на тимот од „Градски парк“, а во МКФ доаѓа од Агенцијата за млади и спорт.

Новите членови на кошаркарската влада ги избраа и двајцата потпретседатели и тоа менаџерот од „Капилот банка“, Илија Пенов како и брокерот Сашо Дракуловски. Двајцата се добро познати во кошаркарските кругови и од нив се очекува да му дадат најголема помош на Наумоски во обидот квалитетно да го предводни бродот на МКФ.

Во новиот УО на МКФ, покрај популарниот Пеце како и новоизбраните потпретседатели Пенов и Дракуловски, се најдоа уште и Сашо Босилков (Орка холдинг), Тони Трајков (Дизајн фантазија), Даниел Воиновски (Еуроимпекс Пежо), Среќко Трајковски (ГИМ), Ристо Јаневски (ОКТА), Горан Ѓорѓиевски (Пекара Специјал), Анатол Кутревски (Пекабеско), Пејчо Илиев-Баџо, Александар Свртинов, легендарниот поранешен кошаркар, Благоја Георгиевски-Буштур, претставници од фирмата Тинекс и од Здружението на тренери, како и противкандидатот на Наумоски на неодамнешното Изборно собрание, Абдураим Бајрактар.

Фото: Денис Дуковски

Најново во Кошарка